Официјални претставници велат дека висината на американската помош која се укинува не е голема и вкупно изнесува помалку од 50 милиони долари. Но, тие додаваат дека суспендирањето ја истакнува сериозноста со која администрацијата на Буш и Конгресот го сфаќаат прашањето за Меѓународниот кривичен суд и потребата за заштита на американските трпи од неговата надлежност.
Претседателот Буш донесе одлука за повлекување на САД од Римскиот договор со кој пред повеќе од една година беше формиран судот, образложувајќи дека тој -чија намена е да води процеси за воени злосторства и злосторства против човештвото- би можел да стане арена за политички мотивирани процеси против американските мировници и другите старнски трупи.
Први јули беше крајниот датум што го постави Конгресот, до кога земјите или ќе потишат билатерални договори со САД за имунитет пред Меѓународниот кривичен суд, или ќе им биде укината американската воена помош.
Притисокот за изземање наиде на остри критики од страна на европските сојузници, при што некои сметаа оти американскиот став го ослабува меѓународниот суд. Но портпаролот на Стејт Департментот Ричард Баучер вчера повтори дека САД се обидуваат да си ги заштитат своите права, а не да го поткопаат Римскиот Статут.
“Ние немаме намера да го прекршиме правото на земјите кои одлучиле да го потпишат и да го спроведат договорот за меѓународниот кривичен суд. И ние бараме подеднакво да се почитува нашето право, нашата одлука и нашиот суверенитет во одлучувањето, да не бидеме дел од овој договор“, изјави портпаролот Баучер.
Триесет и петте земји на кои иим се укинува американската воена помош се оние што не потпишаа договори за имунитет со Вашингтон - познати како Член 98.
Актот на Конгресот, наречен Заштита на припадниците на американските служби, не се однесува на земјите членки на НАТО, ниту на земјите кои се сметаат за големи американси сојузници, а се надвор од Алијансата.
Претседателот Буш, повикувајќи се на законот, реши да изземе 16 земји од оваа казнена мерка.
Меѓу оние на кои им се укинува помошта е Колумбија, една од најголемите примачи на американска помош, и уште шест земји кои се подготвуваат за членство во НАТО следната година: Естонија, Латвија, Литванија, Бугарија, Словачка и Словенија.
Претставници на Стејт Департментот посочуваат дека најголем дел од американската помош наменета за овие земји веќе е испорачана, така што таа не подлежи на суспензијата.
И во случајот со Колумбија, од околу една милијарда долари, колку што изнесува годишната американска помош главно наменета за борба против производството на дрога, остануваат само пет милиони долари кои се уште не и се доделени.