Линкови за пристапност

Најнови вести 30 јуни 2003 - 2003-06-30


Израел-Палестинци

Израел ги отстрани сите поголеми контролни пунктови долж главниот автопат север-југ во Појасот Газа, што е дел од договорот за предавање на контролата врз безбедноста на палестинската управа.

Палестинците денеска за првпат по две години започнаа слободно да се движат по автопатот. Контролните пунктови беа отстранети неколку часа откако израелските трупи се повлекоа од градот Беит Ханун во Газа и еден ден откако клучните палестински милитантни групи се согласија на условен тримесечен прекин на огнот. Но и покрај договорот, еден странски работник денеска бил убиен во близина на градот Џенин на Западниот брег. Фракцијата Ал Акса-Бригади на мачениците, произлезена од движењето Фатах на Јасер Арафат, ја презеде одговорноста за нападот. Неколку часа потоа, групата соопшти дека ќе почне да го почитува договорот.

Ирак-САД

Американските трупи го уапсија администраторот на светиот шиитски град Наџаф, под обвинение за киднапирање и корупција.

Американски претставници велат дека уапсени се и шеесет и едно лице – сите помошници на г-динот Абу Хајдар Муним, кој на функцијата е назначен од страна на САД. Во соопштението на привремената управа под американско раководство се вели дека апсењето е извршено по налог на ирачкиот истражен судија. Неодамна, жителите на Наџаф протестираа против присуството на г-динот Муним во локалната влада, обвинувајќи го, меѓу другото, за поврзаност со партијата на Садам Хусеин, Баат. Во одвоен настан, САД ги ослободија петтмината сириски граничари неодамна ранети во американскиот напад на границата меѓу Сирија и Ирак.

Русија-Иран

Раководителот на иранската нуклеарна програма вели дека соработката меѓу Иран и Русија во однос на нуклеарните прашања е во целосна согласност со меѓународното право.

Шефот за иранска нуклеарна енергија, Голамреза Агазадех се наоѓа во Москва на разговори со високи руски претставници во услови на меѓународна загриженост дека Техеран тајно се обидува да развие нуклеарно оружје. Г-динот Агазадех денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов при што било разговарано за билатералната соработка. Руските новински агенции го цитираат г-динот Иванов кој вели дека односите меѓу Русија и Иран во наредните години треба да се прошират. Русија му помага на Иран да изгради нуклеарна постројка во пристанишниот град Бушер, наспроти притисокот од САД за прекин на овие активности.

Северна Кореја-нуклеарна криза

Владите што го поддржуваат проектот под американско раководство за изградба на две нуклеарни централи во Северна Кореја ќе одлучуваат дали да продолжат со нивните планови, поради стравувањето дека Северна Кореја развива нуклеарно оружје.

Извршниот директор на Организацијата за енергетски развој на Корејскиот Полуостров, Чарлс Картмен, денеска во Сеул се сретна со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Ју Јонг Кван, на разговори за тоа дали треба да се продолжи со проектот за реакторот. Засега не се објавуваат детали од состанокот. Г-динот Картман рече дека владите вклучени во проектот допрва треба да се договорат за тоа каков курс треба да се заземе.

Пакистан-смртни казни

Пакистанскиот суд им изрече смртна казна на тројца исламски милитантни за организиарње на самоубиствен напад и за убиство на 11 француски инженери.

Анти-терористичкиот суд во Карачи оваа одлука ја донесе денеска. Станува збор за Пакистанците Асиф Захир, Башир Ахмед и Мохамед Сохаил, кој е во бегство. Адвокатите на одбраната велат дека ќе поднесат жалба на пресудата. Нападот се случи во мај минатата година пред еден хотел во Карачи. Бомбаш самоубиец со автомобил наполнет со експлозив го крена во воздух автобусот во кој се наоѓале 11-те жртви. Освен напаѓачот-самоубиец во нападот загинаа и двајца случајни минувачи Пакистанци.

Италија-Берлускони-судски процес

Италијанските судии кои го водат случајот за корупција против премиерот Силвио Белрускони побараа од Врховниот суд да ја оцени законитоста на новиот закон со кој на г-инот Берлускони му се гарантира правото на имунитет додека е на функција.

Судиите велат дека нивниот случај ќе биде ставен во мирување се до одлуката на Врховниот суд. Но тие истакнуваат дека критиките оти новиот закон е неуставен не се целосно неосновани. Противниците на законот велат дека тој е направен единствено за заштита на г-динот Берлускони кој е најбогат човек во Италија. Најновите судски настани се случуваат еден ден пред Италија официјално да го преземе ротирачкото претседателство со ЕУ. Г-динот Берлускони е обвинет за подмитување судии во битката за преземање на компанија во 80-те години. Во меѓувреме, премиерот ги повтори обвинувањата упатени до обвинителството за исполитизираност.

Алжир-авионска несреќа

Алжирски воен авион се урнал во населена област западно од главниот град Алжир, при што загинале најмалку 12 лица.

Командантот на воената воздухопловна база во близина на местото на несреќата изјави дека транспортниот авион Херкулес се урнал во куќа во населбата Бени Меред што се наоѓа во близина на Буфарик, на околу 35 километри југозападно од главниот град Алжир. Ројтерс ја пренесува изјавата на командантот кој вели дека прелиминарните инфромации покажуваат дека авионот кој се урнал непосредно по полетувањето од базата, имал технички проблеми. Властите велат дека снимките на летот биле пронајдени во остатоците. Првичните извештаи врз основа на исказите на очевидците и спасувачките екипи говореа дека загинале 17 лица.

XS
SM
MD
LG