Линкови за пристапност

Почина Кетрин Хепберн - 2003-06-30


Кетрин Хепберн, една од најславните американски актери, почина на 96-годишна возраст. Во текот на нејзината кариера и на филм и во театарот, што траеше речиси 60 години, госпоѓа Хепберн освои четири оскари за своите улоги.

Енергичната, независна личност што Кетрин Хеберн ја внесуваше во многу нејзини филмски улоги, беше производ на нејзиното детство. Таа е родена на 12 мај 1907 година во Хартфорд во Конетикат. Нејзиниот татко, кој бил хирург и нејзината мајка, биле отворени борци за многу општествени проблеми.

„Јас сум тотален резултат на мајка и татко кои не се плашеа од ништо. Мислам, тие беа вистински социјалисти кои се преселиле во републиканска заедница и се жалеа заради трговијата со робови, проституцијата и затоа што жените немаа право на глас, на абортус, на вонбрачни деца. Јас пораснав во таква атмосфера – без страв“, говореше актерката.

По идиличното детство, госпоѓа Хепберн заминала на колеџот Брн Мор во близина на Филаделфија, каде што за прв пат се заинтересирала за актерството. По дипломирањето во 1928 година Кетрин Хепберн се омажила за Ладлоу Смит, кого го запознала на факултет. Но кариерата секогаш и била најважна и се развела по шест години.

По неколку мали улоги на Бродвеј, првиот голем успех бил со претставата “Сопругата на воинот“ во 1932 година, по што почнале да пристигнуваат понуди од Холивуд. Една година подоцна, веќе во нејзиниот трет филм, госпоѓа Хепберн го освои првиот оскар за најдобра женска улога во филмот "Morning Glory".

По уште една призната изведба во филмската верзија на “Мали жени“, таа започна серија неуспешни филмови. Госпоѓа Хепберн одбиваше да прифати улоги што не и се допаѓаа и во 1937 година го раскина договорот што го имаше. Оттогаш, Кетрин Хепберн сама се грижеше за својата кариера.

По две години пауза, триумфално се враќа на Бродвеј во комедијата за богатото општество, на драматургот Филип Бери, во кој се истакнува нејзината личност и актерскиот стил. Улогата на Трејси Лорд во филмот “Приказна за Филаделфија и го донесе вториот Оскар.

Следниот филм на Кетрин Хепберн во 1942 година, го одбележа почетокот на професионалното и приватното партнерство што траеше речиси три децении. Во филмот “Жена на годината“, госпоѓа Хепберн игра студена, софистицирана колумнистка во весник, која спортскиот уредник ја хуманизира, а него го игра Спенсер Трејси.

“Жена на годината“, е првиот од вкупно девет филмови што Кетрин Хепберн и Спенсер Трејси ги синимја заедно. Тоа даде нова димензија на изведбите на госпоѓа Хепберн. Стилот на Спенсер Трејси беше природен и без влијанија, а таа заради тоа го поедностави нејзиниот пристап кон глумата.

Надвор од филмското платно, Кетрин Хепберн и Спенсер Трејси, кој беше оженет и католик, имаа романса што беше тајна и долга. Никогаш не се појавија заедно во јавност и иако речиси сите во Холивуд знаеја за врската, никој не зборуваше за тоа. За брак, тврдеше таа, никогаш не станало збор.

„Не само затоа што Спенсер беше католик, всушност неговиот брак беше завршен многу пред да ме сретне мене. Луис Трејси беше во тешка позиција, го минала животот одгледувајќи ги децата, едното момче беше глуво, и работеше многу за луѓето што не можат да слушаат. За неа беше важно да биде госпоѓа Трејси. Мене не ми беше тоа важно“, изјавуваше г-ѓа Хепберн.

Во почетокот на 60-те, Кетрин Хепберн паузира во кариерата за да се грижи за Спенсер Трејси, кој е болен. Во 1967 година го убедува да се појави во филмот “Погоди кој доаѓа на вечера“, во кој играат либерални родители, чија ќерка сака да се омажи за лекар црнец. За улогата госпоѓа Хепберн го доби Оскарот, но тоа беше засенето од смртта на Спенсер Трејси, кусо по завршувањето на филмот. За да ја заборави тагата, таа се фрла на работа и наредните две години снима два филма и игра во мјузикл на Бродвеј.

За улогата на Еленор од Аквитан, заедно со Питер О тул како кралот Хенри Втори во филмот “Лав во зима“, Кетрин Хепберн го освојува третиот Оскар. Следниот триумф уследи во 1981 година, кога заедно со Хенри Фонда, кога и двајцата имаа по 70 години, добија оскари за улогите на маж и жена во филмот “На Златното езеро“.

Таа потоа се појави во филмот на Ворен Бити и Анет Бенинг “Љубовна приказна“ во 1994 година. Имаше 87 години и ја играше старата тетка на Ворен Бити, која живее на остров на Тахити. Осврнувајќи се на нејзината извонредна кариера, госпоѓа Хепберн го покажуваше истиот став што беше карактеристичен за многу од нејзините филмски улоги. Всушност, ретко која актерка добила толку многу добри улоги во толку малку филмови. Приватно и професионално има малку работи за кои жалела.

„Имав прекрасен живот. Имав многу среќен живот. Многу среќен“, велеше таа.

Кетрин Хепберн, добитник на четири оскари, почина во неделата. Таа имаше 96 години.

XS
SM
MD
LG