Линкови за пристапност

Во Унгарија, конференција посветена на Ромите - 2003-06-30


Во Унгарија започна меѓународна конференција за начините за справување со проблемите на Ромите во источна Европа, кои често живеат во сиромаштија и социјална изолација.

Според директорот на Светската банка, Џејмс Вулфенсон, зафаќањето со сиромаштијата на Ромите е едно од најсуштинските прашања со кои се соочуваат земјите од Источна Европа, кои бараат членство во ЕУ.

Г-динот Вулфенсон, на конференцијата во организација на Светската банка и Институтот отворено општество со седиште во Будимпешта, рече дека ромското малцинство со векови било жртва на дискриминација. И не само што оваа нееднаквост е погрешна, вели тој, туку таа придонесува за нестабилност на општеството.

Студијата изработена од Светската банка покажува дека приближно шест милионите Роми во централна Европа живеат во голема сиромаштија и со големи здравствени проблеми.

Во Унгарија со 10-милионско население живеат околу 450.000 Роми. Според извештајот на Светската банка, четириесет проценти од Ромите живеат под границата на сиромаштија, што изнесува 40 долари и 30 центи дневно. Унгарија е меѓу 10-те, главно, поранешни комунистички држави од Централна и Источна Европа, кои ќе и се приклучат на ЕУ во мај 2004 година.

Романија, која на ЕУ би можела да и се приклучи до 2007, има најголема ромска популација во регионот, која изнесува околу 2,5 милиони од вкупното 22-милионско население во земјата. Проценките на Светската банка покажуваат дека просечниот животен век на Ромите е за 15 до 20 години помал од мнозинството од популацијата. Згора на тоа, половината од ромската популација во Романија се неписмени и процентот на невработеност изнесува 24 проценти.

Европската унија вети континуирана поддршка за интеграција на Ромите во главните општествени текови, но истакнува дека традициите со кои се прекршуваат човековите права нема да се толерираат. Во некои ромски заедници се уште се присутни традициите како што е продажба и купување на сопруги и нешколување на децата.

Комесарот на ЕУ за вработување и социјални прашања, Ана Диамантопулу предупреди дека кога доаѓа до судир на фундаменталните човекови права и традициите, тогаш традициите мора да се променат.

XS
SM
MD
LG