Линкови за пристапност

Најнови вести 6-27 - 2003-06-27


Саудиска Арабија - Тероризам

Саудиските власти велат дека го уапсиле осомничениот осмислувач на самоубиствените бомбашки напади од 12-ти мај во Ријад, при што загинаа 35 лица.

Саудискиот министер за внатрешни работи вели дека осомничениот Али Абд Ал-Рахман Ал Факси Ал Гамди вчера и се предал на полицијата во градот Џеда. Американските претставници велат оти г-динот Гамди е најстариот оперативен на Ал-Каида во Саудиска Арабија и дека неговото апсење претставува тежок удар за терористичката мрежа. Американските и саудиските власти ја обвинуваат Ал-Каида за бомбашкиот напад од 12-ти мај при што беа уништени три стамбени комплекси во Ријад, каде живееле лица од Запад.

Ирак

Aмерикански војник е застрелан во Багдад, во најнов напад врз силите на САД во Ирак.

Сведоци велат дека војникот бил застрелан во пределот на главата додека се наоѓал во продавница. Претставници на Пентагон не даваат информации за состојбата на војникот. Овој инцидент се случи додека американците сили трагаат по двајца војници кои исчезнале вчера во еден град северно од Багдад. Во нападот од вчера пак, убиени се двајца американски војници. Американските претставници на одбраната, за нападите ги обвинуваат остатоците на соборениот режим на Садам Хусеин.

Израел - Палестинци

Палестинските милитантни лидери велат дека се согласиле да ги запрат нападите врз Израелците за три месеци, но претставници блиски на преговорите велат дека примирјето нема да биде формално објавено до недела.

Спогодбата, чиј нацрт го направија трите главни палестински фракции, Хамас, Исламски Џихад и движењето Фатах на Јасер Арафат, повикува на тримесечен прекин на огнот во замена за крај на нападите на израелската армија врз Палестинци. Денеска израелската телевизија јави дека Израел и палестинсклата управа во принцип се договориле за израелско повлекување од Појасот Газа и Западниот брег. Се уште не се официјално потврдени овие инфромации од ниту една страна во преговорите.

Британија - Путин

Рускиот претседател Владимир Путин кој денеска ја завршува својата посета на Британија, вели дека заедно со премиерот Тони Блер планираат да имаат блиска соработка и покрај несогласувањата околу војната во Ирак.

По вчерашната средба на двајцата лидери во Лондон, господинот Путин кажа дека Русија ќе помогне во повторната изградба на Ирак. Господинот Блер кажа дека било разговарано и за меѓународниот тероризам, Блискиот исток, Иран, Индија, Пакистан и за Чеченија. Претседателот Путин е првиот руски лидер што се наоѓа во посета на Британија по повеќе од 100 години.

Косово - Совет на Европа

Генералниот секретар на Советот на Европа, Валтер Швимер вели дека децентрализацијата е клуч за иднината на Косово.

Изјавата на господинот Швимер уследи по објавувањето на извештајот на Советот за политичките реформи во покраината. Тој вели дека зајакнувањето на статусот на локалните единици на Косово ќе биде од корист за населението во целиот регион.

САРС

Светската здравствена организација вели дека Тајван не може да биде симнат од листата области погодени од Тешкиот Акутен Респираторен Синдром или САРС најрано до 5-ти јули.

Локалните власти немаат пријавено нов случај на заболен од САРС веќе 20 последователни дена, но Светската здравствена организација вели оти последниот пациент заразен со САРС бил идентификуван на 15-ти јуни, а не на 6-ти јуни, како што индицираа тајванските претставници. Тајван и Торонто се единствените места кои се уште се наоѓаат на листата на здравствената агенција на ОН на области погодени од оваа болест.

XS
SM
MD
LG