Линкови за пристапност

Најстариот американски пратеник Стром Турмонд почина на 100-годишна возраст - 2003-06-27


Додека староста и лошото здравје конечно не го забавија, Стром Турмонд беше таму секое утро, започнувајќи ја седницата на Сенатот. Тој мина повеќе од 48 години години на Капитол Хил, со што стана најстариот и најдолгогодишен сенатор во американската историја. За последниот мандат се кандидираше во 1996-та година, иако истражувањата на јавното мислење индицираа дека гласачите сакаат тој да се пензионира. На крајот, господинот Турмонд лесно победи и го задржа местото во раководството на Републиканците во Сенатот.

Стром Турмонд е роден во декември, 1902 година во малото гратче Еџфилд во Јужна Каролина. Политичката кариера ја започнал како Демократ во 1929 година, учествувал во Втората светска војна, а накусо потоа бил избран за гувернер на Јужна Каролина.

Во 1948 година, тој учествуваше на претседателските избори како кандидат на партијата Диксикрат, со платформа за расна сегрегација. Многу години подоцна, тој тврдеше дека причина за кандидатурата не била расата, туку правата на федералните држави, за кои сметал дека претседателот Труман ги злоупотребувал.

„Труман направи многу добри работи. Тој фрли атомска бомба врз Јапонија, што беше добро, и некои други работи. Но, тој сакаше моќта да ја пренесе во Вашингтон. Јас сакав да ја задржат федералните држави, и тоа беше причината што се кандидирав против него“, вели сенаторот Турмонд.

Господинот Турмонд исто така беше против многу закони за граѓански права во 50-те и 60-те години. За да блокира еден таков предлог – закон, тој излегол на говорницата и зборувал 24 часа. Овој рекорден говор или филибастер, стана дел од легендата за него. Уште еден дел од таа легенда е кога на 60-годишна возраст сенаторот се ожени со 22-годишна поранешна победничка на избор на убавица, брак од кој доби четири деца.

Господинот Турмонд на крајот зазема поумерен став во однос на расата, но сепак ги задржа своите конзервативни мислења, особено во однос на потребата од силна национална одбрана. Во 1964-та година, премина во Републиканската партија затоа што, според него, сметал дека Демократите ја водат земјата кон социјализам.

Како што старееше, господинот Турмонд понекогаш изгледаше конфузно или имаше проблеми со слухот. Но за време на процесот за импичмент на претседателот Клинтон, додека помладите сенатори се шетаа наоколу или дури заспиваа, тој внимателно го слушаше секој збор. Тој водеше активен живот, се до последните неколку години, поставувајќи рекорд како најстар пратеник, забележително претставувајќи ја својата федерална држава во Сенатот.

XS
SM
MD
LG