Линкови за пристапност

Симитис: ЕУ не лобира против договорите на САД за Меѓународниот кривичен суд - 2003-06-26


Западниот Балкан беше една од темите и на самитот меѓу американските и европските лидери што се одржа вчера во Вашингтон. Од американска страна беше истакнато дека со заедничкото проширување на ЕУ и НАТО, САД помагаат да се создаде Европа, која според зборовите на претседателот Буш ќе биде целосна, слободна и мирна. Европските лидери, пак, ги повторија заклучоците за Западниот Балкан од неодамнешниот самит во Солун, меѓу кои се нагласува и дека Унијата и САД треба тесно да се координираат за проблемите на Балканот. На прес-конференцијата по самитот претседателот на Европската Комисија, Романо Проди, високиот претставник за европската надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана и премиерот на Грција, која е актуелен претседавач со Унијата, Костас Симитс, изразија задоволство од разговорите со американските лидери. Сепак, остануваат некои разлики, како што е несогласувањето околу Меѓународниот кривичен суд. Грчкиот премиер Симитис дури и го намалуваше значењето на билатералните договори што ги склучуваат САД со многу држави, меѓу кои и Македонија.

“Му објаснивме на претседателот Буш и САД дека има некои работи што ние не можеме да ги прифатиме. Но исто така истакнавме дека по ова прашање непотребно се разидуваме. Никогаш не сме лобирале против специфичните американски билатерални договори за непредавање. Од друга страна го поддржуваме Меѓународниот кривичен суд и утврдивме водечки принципи во врска со склучувањето на вакви билатерални договори со чија содржина беа добро запознаени и САД. Тоа го вклучува и принципот на неизземање од казна. Што значи тоа. Тоа значи дека американски државјанин кој е виновен за воено злосторство ќе биде изведен пред американски суд. Тоа значи дека некој што е обвинет за воено злосторство не смее да не биде казнет. Тој треба да биде изведен пред суд. А во билатералните договори тоа треба да биде истакнато“, изјави господинот Симитис.

Премиерот на Грција, Симитис додаде и дека во врска со Меѓународниот кривичен суд ќе продолжат контактите меѓу ЕУ и САД.

XS
SM
MD
LG