Линкови за пристапност

Најнови вести, 25 јуни - 2003-06-25


Ирак

Британските војници во јужен Ирак на цивилните лидери им дале рок од 48 часа за да ги предадат вооружените напаѓачи кои вчера убија шестмина британски војници. Британските воени претставници ова го објавија денеска на средбата со лидерите на ал-Маџар ал Кабир, градот каде што се случин инцидентот. Сведоци изјавија дека војниците загинале во престрелка со демонстрантите, кои биле вознемирени затоа што британските војници влегувале во приватни куќи и во соби на жените додека барале тешко оружје. Жителите велат дека во престрелката загинале и четворица Ирачани, а 17 биле повредени. Ова насилство беше причина Британија да нареди преглед на бројот на војниците, тактиката и опремата на своите сили во Ирак.

Израел-Палестинци

Израелските војници убиле двајца милитанти на Хамас, само неколку часа пред израелските и палестинските претставници за безбедност да ги започнат разговорите за имплементирање на првата фаза од мировниот план поддржан од меѓународната заедница. Денешниот судир се случил во Газа, каде што биле убиени двајца вооружени припадници на Хамас кои се забарикадирале во куќа и пукале во израелските војници. На Западниот брег, Израел уапси двајца милитанти за кои велат дека имале експлозив за можен самоубиствен напад. Овие инциденти се случија само неколку часа кога палестинските и израелските претставници планирале да ги продолжат разговорите за трансфер на надлежностите за безбедноста на север на Појасот Газа и во градот Витлеем на Западниот брег, во согласност со првата фаза од мапата кон мирот поддржана од меѓународната заедница.

Самит ЕУ-САД

Лидерите на ЕУ денеска треба да се сретнат со претседателот Буш и со останатите американски лидери на разговори за трговијата, тероризмот и за многу други регионални и меѓународни прашања. Учесниците на еднодневниот американско-европски самит во Вашингтон исто така се очекува да разговараат за заканата од оружјето за масовно уништување, за неодамнешните тензии со Иран, за организираниот криминал и за актуелната криза на Блискиот Исток. Разговорите ќе ги водат грчкиот премиер Костас Симитис, чија земја во моментов претседава со ЕУ и претседателот на Европската комисија, Романо Проди заедно со потпретседателот Дик Чејни и државниот секретар Колин Пауел.

Кенија – амбасада

САД повторно ја отворија амбасадата во Кенија што беше затворена заради сериозна закана од тероризам. Амбасадата во Најроби беше затворена во петокот откако Пентагон го зголеми нивото на заканата. Повторното отворање на амбасадата уследи само неколку дена откако четворица Кенијци беа обвинети во врска со самоубиствениот бомбашки напад минатиот ноември во близина на одморалиштето Момбаса при што загинаа 16 лица. Американскиот амбасадор во Кенија минатата недела остро ги критикуваше анти-терористичките напори на Кенија, велејќи дека оваа земја е единствената каде што има тероризам во светот, а која никого не уапсила, ниту обвинила.

САРС

Кина вети дека ќе го задржи нивото на будност за Тешкиот акутен респираторен синдром бидејќи е пријавен нов смртен случај и нов заболен од овој вирус, еден ден откако беше соопштено дека веќе нема САРС. Кинеското министерство за здравство соопшти дека смртниот случај бил регистриран во Пекинг, додека последниот случај на заболен од Тешкиот акутен респираторен синдром бил откриен во јужната провинција Гунагдонг. Заменик премиерот Ву Ји кажа дека владата и натаму ќе ги применува превентивните и контролните мерки за САРС. Инаку вчера Светската здравствена организација го симна Пекинг од списокот области погодени со САРС и ја отстрани забраната за патување во главниот град на Кина.

Путин во Британија

Рускиот претседател Владимир Путин го разгледува главниот град на Шкотска, Единбург, на вториот ден од неговата официјална посета на Британија. Вториот син на кралицата Елизабета, принцот Ендрју го придружуваше рускиот лидер со неговата сопруга Људмила додека ги гледале ученици како изведуваат програма на традиционална шкотска музика во замокот во Единбург. Неговиот домаќин, шкотскиот премиер Џек МекКонел се трудеше да ги промовира шкотско-руските односи. Рускиот лидер со сопругата вечерва се враќаат во главниот град на Британија на банкет што го приредува градоначалникот на Лондон. Вчера господинот Путин и кралицата Елизабета ја истакнаа потребата двете страни да ги надминат разликите во врска со Ирак, Иран и за други прашања. Господинот Путин и британскиот премиер Тони Блер утре ќе ги почнат разговорите.

XS
SM
MD
LG