Зборувајќи на Меѓународната конференција за биотехнологија во Вашингтон, претседателот порача дека забраната им наштетува на земјите на кои најмногу им е потребна помош.
„Дејствувајќи според неосновани, ненаучни стравувања, многу европски држави го блокираа увозот на сите нови биотехнолошки житарки. Заради овие вештачки пречки, многу африкански земји избегнуваат да инвестираат во биотехнологијата, загрижени дека нивните производи ќе бидат исфрлени од важните европски пазари“, истакна господинот Буш.
Тој кажа дека напредната биотехнологија ќе им овозможи на Африканците и на другите да одгледуваат житарки кои се отпорни на суша и на болести и со многу големи приноси. Тој рече дека итната помош може да помогне во борбата против гладта, но новата технологија во рацете на фармерите е од суштинско значење за овие земји.
Претседателот зборуваше пред научници и претставници на главните биотехнолошки компании и лаборатории од цел свет. Господинот Буш ја искористи приликата и да изврши притисок врз Конгресот да ја усвои неговата иницијатива за “био-штит“. Со овој план би се вложиле милијарди долари во развојот и производството на вакцини и третмани што може да се употребат во случај на хемиски или биолошки терористички напад.
„Според проектот био-штит, владата ќе добие надлежност да обезбедува средства за најнапредните вакцини и третмани што ќе бидат на располагање на нашиот народ“, вели претседателот.
Господинот Буш за прв пат ја објави оваа иницијатива во обраќањето до нацијата во јануари. За таа намена тој побара нови шест милијарди долари кои би се доделиле во период од 10 години.