Линкови за пристапност

Врховен суд на САД денеска одлучи да им се даде извесна предност на малцинствата при уписот во американските колеџи и универзитети - 2003-06-23


За поддржувачите на таканаречената афирмативна акција, кои се залагаат за мерки со кои ќе се поттикне расна разновидност на колеџите, ова сепак беше половична победа.

Со пет гласови за и четири против, Врховниот суд пресуди во корист на политиката на афирмативна акција на Правниот факултет на Универзитетот Мичиген, што ја отсликува сржта на јавната дебата во САД околу поволностите при уписот на припадници на малцинствата на факултетите. Судот пресуди дека владата има особен интерес во тоа да поттикнува расна разновидност на Универзитетот и дека политиката на афирмативна акција на оваа установа се во согласност со Уставот.

Но, во втората пресуда, мнозинство од шест судии застана на страната на критичарите на афирмативната акција. Судот го третираше планот за афирмативна акција на Универзитетот во Мичиген од аспект на поволностите што приемната програма им ги дава на студентите од малцинствата со начинот на бодување. Мнозинството судии смета дека ваквата политика премногу наликува на расна квота и дека се дава преголемо внимание на расната припадност на апликантите.

Адвокатот Миранда Меси го образложи случајот пред Врховниот суд од страна на Универзитетот во Мичиген.

„Фактот што бевме во можност да извојуваме победа во случајот значи дека програмите за афирмтивна акција ќе бидат усвоени низ целата земја и ќе можеме да го продолжиме недовршениот напредок кои интеграција во високото образование“, истакна госпоѓа Меси.

Критичарите на ваквите програми беа понезадоволни, бидејќи Судот не презел дополнителни чекори за ограничување на расната наклонетост. Џералд Валпин од Центарот за индивидуални права од Њујорк вели:

„Мислам дека Врховниот суд денеска, за жал, го отфрли сонот на Мартин Лутер Кинг за општество кое нема да гледа на бојата на кожата и не се придржа до уставната гаранција за еднаков третман на сите граѓани, без оглед на расата“.

Судската одлука во врска со афирмативната акција на Универзитетот во Мичиген може да изврши значително влијание не само при уписот на американските универзитети, туку и при вработувањето ширум САД.

XS
SM
MD
LG