Линкови за пристапност

Најнови вести - 2003-06-23


Ирак - Хусеин

Американски претставници испитуваат дали соборениот ирачки лидер Садам Хусеин или неговите синови се наоѓале во малиот конвој што беше уништен минатата недела со ракетен напад во близина на границата со Сирија.

Главните американски весници објавија дека се вршат тестови на ДНК за да се идентификуваат жртвите во американскиот напад од воздух минатата среда. Се испитуваат човечките остатоци, пронајдени на местото на нападот, но во медиумските извештаи се цитира американски претставник кој изјавил дека се уште нема докази дали биле погодени Хусеин или неговите синови, Удај и Кусај.

Ирак

Ирачки претставник за нафта изјави дека во експлозија во близина на границата со Сирија бил оштетен уште еден ирачки нафтовод.

Властите објавија само неколку детали за последната екплозија, инаку втора по ред од саботата, а американските претставници се уште не го потврдиле извештајот. Американските власти се уште го испитуваат најновиот инцидент, заради што е затворен главниот нафтовод западно од Багдад. Во меѓувреме, цивилните администратори предводени од САД, велат дека идната недела ќе почнат да регрутираат војници за новата ирачка армија која треба да ги замени некогашните трупи на Садам Хусеин. Американскиот советник Валтер Слокомб кажа дека првичната дивизија од 12.000 мажи ќе биде оперативна идната недела, а во наредните три години армијата треба да се зголеми на 40.000 припадници.

САД - Иран

Иран соопшти дека се идентификувани поголемиот број на осомничени припадници на Ал-Каида кои се притворени во оваа земја.

Портпаролот на иранската влада, Абдула Рамезанзадех денеска изјави дека повеќето од осомничените се идентификувани, но одби да ги каже нивните имиња или позиции во терористичката органзиација, а не кажа ниту колку се притворени. Тој рече дека Техеран ќе ги екстрадира осомничените кои доаѓаат од земји со кои смета дека има добри односи, со исклучок на оние кои се обвинети заради кривични дела извршени во Иран и кои ќе останат за да им се суди. Владата исто така објави дека ќе забрани собири на студенти надвор од кампусите за одржување комеморации по повод четвртата годишнина од насилните студентски судири со безбедносните сили.

САРС

Хонконг соопшти дека планира да преземе мерки за зајакнување на туризмот откако е симнат од листата на области на Светската здравствена организација, погодени со САРС.

Бордот за туризам на Хонконг денеска објави пакет за туристичка промоција кој предвидува намалени цени на авионски билети, на хотелите, рестораните и во продавниците во јули, август и септември. Авиокомпанијата Катај Пацифик Ервејз од Хонконг соопшти дека ќе издаде 10 илјади бесплатни билети за да го поддржи туризмот. Компанијата исто така најави дека има намера да ги обнови сите летови што беа откажани заради ширењето на САРС до септември. Здравствената органзација на ОН денеска го симна Хонконг од својата листа, на 21-от ден откако последен пат беше хоспитализиран пациент со потенцијално смртоносниот вирус.

Израел – Палестинци

Израелски и палестински шефови на безбедност се состанаа за да разговараат за трансферот на надлежноста за безбедноста на Палестинците во делови на окупираните територии.

Израелскиот генерал Амос Гилад и палестинскиот шеф на безбедноста Мохамед Далан раководат со денешниот состанок кај контролниот пункт Ерез на израелската граница со Газа. Тема на разговорите е изралеското повлекување на трупите од Газа, но само ако Палестинците можат да ја гарантираат безбедноста. Палестинскиот премиер Махмуд Абас се обидува да го убеди Хамас и другите групи да објават прекин на нападите врз Израелците со надеж дека тоа може да води кон повлекување на израелската армија од палестинските области. Генералот Гилад вели дека Израел не сака привремен прекин на огнот, туку комплетно запирање на теророт.

Светски економски форум

Над илјада бизнисмени, социјални и политички претставници го завршуваат Светскиот економски форум, што се одржува во јорданското туристичко летувалиште на Мртвото море, Сунех.

Во обраќањето за затворање на Форумот, генералниот секретар на ОН Кофи Анан рече дека светот е на крстопат. Господинот Анан ги повика Ирачаните да ја преземат контролата врз својата иднина, а Израел и Палестинците да продолжат со мировните напори и покрај неодамнешните насилства. За време на првите два дена од состанокот, учесниците се фокусираа на обновата на Ирак и на прекин на израелско-палестинскиот конфликт.

XS
SM
MD
LG