Линкови за пристапност

Пауел:Хамас е непријател на мирот - 2003-06-20


Американскиот државен секретар Колин Пауел се обиде да го забрза меѓународниот мировен план познат како мапа на мирот во денешните одвоени средби со израелскиот и палестинскиот премиер. Најдиректно по подолго време, господинот Пауел ја осуди милитантната група заради нејзината вмешаност во тероризам.

„Непријател на мирот е Хамас, особено во последните две недели. Се додека се посветени на терор и насилство и желба за уништување на државата Израел, мислам дека тоа е проблем со кој треба да се справиме во целост“, рече г-динот Пауел.

Тој додаде дека ова е пораката што и ја носи на меѓународната заедница со цел да им се покаже на милитантите дека нема да успеат.

Истакнат претставник на Хамас, Абдел Азиз Рантиси налутено одговорил на изјавата на господинот Пауел нарекувајќи го лажго чии изјави покажале дека им служи на интересите на Ционистите.

Од своја страна, господинот Шарон рече дека нема да има мир се додека продолжува насилството.

„Се додека продолжува теророт, се додека продолжува насилството, се додека продолжуваат овие ужасни провокации, нема да има напредок. Нема да има мир со терор“, порача г-динот Шарон.

Додека зборуваше господинот Пауел пристигна веста дека еден израелски доселеник загинал, а тројца биле повредени кога вооружени напаѓачи пукале во нивниот автомобил кој се движел во близина на градот Рамалах на Западниот брег.

Господинот Пауел кажа дека нападот само ја илустрира итноста да се одржи напредокот на мировниот процес или според неговите зборови, брзо и одлучно да се искористи моментот што ни го дава историјата.

Господинот Пауел кажа дека е постигнат некаков напредок и го спомена растурањето на населбите на Западниот брег, што се бара во мапата кон мирот. Израел растури 11 населби, вклучувајќи ја и Мицпе Јицхар каде што стотици доселеници се судрија со израелските војници. Притоа беа повредени 30 лица, а десетина беа уапсени.

Палестинскиот премиер Махмуд Абаз кажа дека го поздравува американското вклучување во мировните напори додавајќи дека и Израел мора да го исполни својот дел.

„Израел треба да ги ослободи притворените Палестинци, да ги укине ограничувањата за движење на граѓаните и да престане со провокативните акти, да престане со населувањето и да ја повлече опсадата околу претседателот Арафат“, рече палестинскиот премиер.

Господинот Абас се обидува да го убеди Хамас и другите милитантни групи да ги запрат нападите врз Израел. Тој вели дека преферира преговори со милитантите, наспроти употреба на сила, заради стравување дека тоа може да предизвика граѓанска војна.

XS
SM
MD
LG