Неколку стотини луѓе го блокираат патот со возила и со запалени автомобилски гуми, обидувајќи се да ги задржат војниците настрана од Мицпе Јицар.
Израелското радио јави дека неколкумина биле повредени, а извесен број биле уапсени, во моментот кога војниците и полицајците започнале да ги симнуваат шаторите и привремените објекти поставени во населбата.
Израел минатата недела отстрани 10 ненаселени населби. Мицпе Јицар е првата населена колонија која Израел се обие да ја растури од почетокот на реализацијата на меѓународниот мировен план, на почетокот на овој месец. Од 1996 година, во палестинските области се поставени над 100 нелегални населби.
Рано утрово, палестински бомбаш самоубиец се разнел себе си и убил еден Израелец, активирајќи екплозив во една продавница во малото село Сде Трумот, во близина на северниот град Беит Шин. Полицијата вели дека бомбата предвреме експлодирала и оти цел на напаѓачот можеби била блиската автобуска станица.
Најновите насилства се случуваат во време кога палестинскиот премиер Махмуд Абас ги продолжува разговорите за да ги убеди милитантните групи да се согласат на запирање на нивните напади врз израелските цивили.
Господинот Абас вчера во градот Газа имаше одделни разговори со лидерите на Исламски Џихад и Хамас. Денеска се очекува тие разговори да продолжат.
Милитантната група Хамас, пред да се согласи на прекин на огнот, бара Израел да ги запре нападите врз милитантните лидери и да ги ослободи палестинските затвореници.
Во меѓувреме, продолжува меѓународниот притисок врз Палестинците и врз Израелците за спроведување на мапата кон мир. Американскиот државен секретар Колин Пауел се очекува утре да допатува воИзраел на разговори со обете страни.