Во почетокот на јуни, господинот Кучинич соопшти дека ќе употреби ретко употребувана постапка за да ја принуди владата да ги објави сите разузнавачки податоци со кои располага за ирачкото оружје за масовно уништување.
Меѓутоа, тогаш постојаната Комисија за разузнавање на Претставничкиот дом веќе започна истрага во која се вклучени доверливи информации. Слична истрага се спроведува и во Сенатот.
Во текот на вчерашното разгледување, претседавачот на Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом, републиканецот Хенри Хајд докажуваше дека оваа резолуција е непотребна:
“Да се собираат истите документи претставува губење време и трошење на парите на даночните обврзници. Тоа не е во ничиј интерес, најмалку во интерес на оваа комисија, да собира втор комплет на разузнавачки документи“, кажа господинот Хајд.
Господинот Кучинич, кој е кандидат од Демократската парија за претседател на изборите во 2004, не присуствуваше на седницата. Меѓутоа, другите Демократи ја поддржуваа иницијативата , докажувајќи дека комисијата не може официјално да ја отфрли резолуцијата.
Гери Акерман, Демократ од Њујорк, кажа дека проблемот е повеќе од удвојување на напорите и дека се поставуваат се поважни прашања за тоа како администрацијата на Буш ја оправдала воената акција во Ирак:
“Загрижен сум заради фактот што овие разузнавачки извештаи кои убедливо, според сите, кажуваа дека тоа се доказите и се бараше од нас и од американскиот народ сето тоа да го проголтаме, а потоа одеднаш се префрлија на други аргументи, кога веќе бевме во војна и кога тоа беше завршено, почна да се зборува за за демократија, промени на администрацијата и за сите работи за кои се знае дека администрацијата ги поддржува“, изјави конгресменот Акерман.
Но Том Лантос, Демократ од висок ранг во комисијата, вели дека Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом е најдобро место за да се спроведе истрагата:
“Информациите за програмите за ирачкото оружје за масовно уништување не се информации за надворешната политика, туку некои од нашите најчуствителни разузнавачки материјали. Испитувањето на овие информации би требало да биде во рацете на Постојаната Комисија за разузнавање на Претставничкиот дом“, смета господинот Лантос.
Многу мали се изгледите резолуцијата на господинот Кучинич да се појави пред целиот состав на Претсатавничкиот дом. , но дури и тоа да се случи, овој конгресмен нема да ги види доверливите документи затоа што тој одби да потпише “заклетва за необјавување“.