Линкови за пристапност

Најнови вести, 17 јуни - 2003-06-17


Македонија - инцидент

Во експлозија на нагазна мина во североисточниот дел на Македонија загина еден војник, а еден офицер на македонската армија е повреден. Претставници на Министерството за одбрана соопштија дека возилото во кое се наоѓале жртвите наишло на мина на патот во близина на селото Стража, кај границата кон Косово. Тие денешниот инцидент го нарекоа терористички акт.

Израел - Палестинци

Американски претставници велат дека американскиот државен секретар Колин Пауел во петок ќе го посети Израел и ќе се сретне со израелските и палестинските лидери. Планираната посета се случува во време на интензивни напори за постигнување прекин на огнот и за спас на мапата кон мир на Блискиот исток. Во следните неколку часа се очекува палестинскиот премиер Махмуд Абас да се сретне со палестинските милитантни групи, со цел постигнување на договор. Најголемата милитантна група, Хамас вели дека прекин на огнот е можен само доколку Израел прекине со нападите врз нејзините лидери. Во нападите изминатат недела беа убиени над 60 лица.

Ирак

Американската армија соопшти дека американските трупи во Ирак притвориле околу 190 лица во операцијата за искоренување на отпорот на лојалистите на соборениот ирачки режим. Во денешното соопштение на Централната команда се вели дека американските сили извршиле 69 напади во околината на градовите Багдад, Тикрит и Киркук. Трупите првично уапсиле преку 400 лица, но не биле сите задржани во притвор. Американската армија вели дека операцијата наречена Пустинска шкорпија имала за цел да ги уништи лојалистите на партијата Баат и истовремено да достави хуманитарна помош. Во меѓувреме, доцна синоќа еден американски војник загина од снајперски оган додека патролирал во северен Багдад.

Иран-протести

Американскиот државен секретар Колин Пауел вели дека САД ги поддржуваат анти-владините протести во Иран, но ги отфрлаат обвинувањата од Техеран дека Вашингтон поттикнува немири. Во изјавата за новинарите на пат кон Камбоџа, г-динот Пауел рече дека на Иранците треба да им се дозволи мирно да демонстрираат барајќи права за подобар живот. Но додаде дека САД не поттикнуваат немири, сугерирајќи оти иранската влада се обидува да го префрли својот проблем на другите. Студентите во Техеран веќе седма ноќ протестираат против владата, но бројот на демонстрантите беше значително намален во споредба со претходните ноќи. Протести се одржуваат и во неколку други градови.

Франција- полициска акција

Француската полиција денеска изведе масовна акција во околината на Париз против членовите на иранската опозициона група, Народни Муџахедини, при што се притворени 165 лица, но подоцна ослободи шестмина од нив. Наредбата за нивно отстранување ја издал францускиот анти-терористички судија, а акцијата во која учествувале 1.300 полицајци е насочена на седиштето на групата и на уште 12 локации северно и западно во францускиот главен град. Полицијата вели дека запленила големо количество компјутерски материјал и еден милион и 300 илјади долари готовина. Официјални претставници соопштија дека судијата оваа група ја означил како криминална која имала за цел да подготви терористички акти и да финансира терористичка компанија. Францускиот министер за внатрешни работи изјави дека групата сакала Франција да ја направи заднинска база, нешто што за француските власти е неприфатливо.

Британија - тероризам

Шефот на британската служба за разузнавање Ми-5 вели дека е само прашање на време кога терористите ќе се обидат да нападнат некој град на Запад со хемиско, биолошко или радиолошко оружје. Директорот на МИ-5 Елајза Манингем Булер вели дека одметнати научници на терористичките групи веќе им ги дале потребните информации за создавање на вакво оружје. Таа додаде дека терористичката мрежа на Осама бин Ладен, Ал Каида и натаму претставува најголема глобална закана.

Северна Кореја

Кина вели дека е отворена за приклучување на Јужна Кореја и Јапонија за решавање на севернокорејската нуклеарна програма. Кинескиот министер за надворешни работи, Ли Јаоксинг пред новинарите во Пном Пен денеска изјави дека доколку Северна Кореја и САД се согласат, тогаш петпартитните разговори можат да отпочнат. Кина беше домаќин на трипартитните разговори во април, на кои не присуствуваа ниту Јужна Кореја, ниту Јапонија. Северна Кореја инсистираше на билатерални дискусии со САД. Оваа земја неодлучно се согласи на средбите во април, но постојано се противеше на мултилатерални дискусии. Денеска Пјонгјанг ги обвини САД, Јапонија и Јужна Кореја дека планираат економска блокада на оваа изолирана комунистичка држава.

Најскапи градови

Според најновото истражување Токио е најскапиот град во светот. Годишното истражување на консултантската фрима Mercer Human Resource покажа дека оваа година Токио го презел водечкото место од Хонгконг како најскапо место за живеење. Всушност, градовите во Азија заземаат пет од првите 10 места на листата од последното истражување со кое биле опфатени 144 градови. Во него Мерсер споредува цени на 200 производи и услуги, како стан, храна, транспорт и забава. Американските градови се најдоа на пониски позиции, додека европските градови се искачија на списокот. Токио, Москва, Осака, Хонгонк и Пекинг се првите пет најскапи градови во светот

XS
SM
MD
LG