Линкови за пристапност

Најнови вести, 17 јуни - 2003-06-17


Израел-Палестинци

Палестинскиот премиер Махмуд Абас се очекува денеска во Газа да се сретне со палестинските милитантни групи, во обид да ги убеди да запрат со напади врз Израелците. Господинот Абас се сретна со специјалниот американски претставник за Блискиот Исток, Џон Волф, пред планираните разговори. Вчера палестинските милитанти ги завршија дводневните преговори со египетските медијатори во Газа но не се согласија на прекин на огнот. Лидерот на Хамас кажа дека не е можен мир се додека Израел продолжува со воените напади врз неговите лидери. Израел вели дека ќе продолжи да го напаѓа Хамас се додека не престанат нападите врз Израелците. Американски официјален претставник изјави дека државниот секретар Колин Пауел во петок можеби ќе замине за Израел додека Вашингтон се обидува да ја активира мапата кон мирот.

Протести во Иран

Студентите во Техеран веќе седма ноќ протестираат против владата, но бројот на демонстрантите беше значително намален во споредба со претходните ноќи. Иранските безбедносни сили ги држат настрана од демонстрантите радикалните групи откако милитантите во саботата со палки ги нападнаа во нивните студентски домови. До утрово ситуацијата околу Универзитетот Техеран, инаку центарот на демонстрациите, беше главно мирна. Има извештаи за немири и во некои градови во провинцијата. Иранската свештеничка влада го обвинува Вашингтон дека ги поттикнува овие демонстрации.

Франција- полициска акција

Француската полиција денеска започна масовна акција во Париз против членовите на иранската опозициона група, Народни Муџахедини, при што се притворени 165 лица. Наредбата за нивно отстранување ја издал францускиот анти-терористички судија, а акцијата е насочена на седиштето на групата и во уште 12 локации сецерно и западно во францускиот главен град. Полицијата вели дека запленила големо количество компјутерски материјал и над милион долари готовина. Претставници на француското министерство за внатрешни работи велат дека судијата оваа група ја определил како криминална која имала за цел да подготви криминални акти и да финансира терористичка компанија. САД и ЕУ ги прогласија Народните муџахедини на Иран за терористичка група. Ова движење се обидува веќе 20 години да го собори иранскиот свештенички режим.

Британија – тероризам

Раководителот на британската разузнавачка агенција кажа дека е само прашање на време кога терористите ќе се обидат да нападнат некој западен град со хемиско, биолошко, радиолошко или нуклеарно оружје. Шефот на МИ-5 Елиза Манингам-Балер кажа дека разузнавачките податоци сугерираат оти научници предавници им дале на терористичките групи информации кои им се потребни за да создадат вакво оружје. Таа додаде дека мрежата на Осама бин-Ладен ал-Каида и натаму е глобална закана.

Северна Кореја

Северна Кореја ги обвини САД, Јапонија и Јужна Кореја дека планираат економска блокада на оваа изолирана комунистичка држава. Државната новинска агенција на Северна Кореја денеска јави дека САД поставуваат основи за меѓународни санкции против Пјонгјанг, како вовед за воен судир. Исто така Јапонија се обвинува дека учествувала во, како што ја нарекува, американската агресија врз Северот. Минатата недела американски, јапонски и јужнокорејски претставници се состанаа на Хаваи на разговори за нуклеарната програма на Северна Кореја. Тие кажаа дека меѓународните односи на Пјонгјанг зависат од отфрлањето на неговите нуклеарни амбиции. Претседателот Буш и јужнокорејскиот претседател Ро Му-хјун минатиот месец се согласија дека можеби ќе бидат неопходни натамошни чекори за справување со нуклеарната криза.

Најскапи градови

Според најновото истражување Токио е најскапиот град во светот. Годишното истражување на консултантската фрима Mercer Human Resource покажа дека оваа година Токио го презел водечкото место од Хонгконг како најскапо место за живеење. Всушност, градовите во Азија заземаат пет од првите 10 места на листата од последното истражување со кое биле опфатени 144 градови. Во него Мерсер споредува цени на 200 производи и услуги, како стан, храна, транспорт и забава. Американските градови се најдоа на пониски позиции, додека европските градови се искачија на списокот. Токио, Москва, Осака, Хонгонк и Пекинг се првите пет најскапи градови во светот.

XS
SM
MD
LG