Линкови за пристапност

Меѓународната агенција за атомска енергија бара построги инспекции на иранските нуклеарни активности - 2003-06-16


Меѓународната агенција за атомска енергија го повика Иран да дозволи построги инспекции за да се отстранат стравувањата дека тајно произведува нуклеарно оружје. Иран вели дека го разгледува овој предлог. Генералниот директор на агенцијата Мохамед Ел Барадеи, на бордот му кажа дека Иран не известил за резервите и употребата на нуклеарен материјал, но дека иранските власти преземаат, како што рече, корективна акција.

Агенцијата уште од февруари редовно испраќа инспектори во нуклеарните објекти во Иран. Но портпаролот на агенцијата, Мелиса Флеминг вели дека господинот Ел Барадеи од Иранците побарал поголема транспарентност.

„Се уште има некои отворени прашања што Агенцијата за атомска енергија продолжува да ги истражува во Иран, и врши нови инспекции и зема примероци од животната околина што во основа може да дадат многу точни информации дали се користи нуклеарен материјал во еден објект. И ќе треба уште време тоа да се заврши. Во извештајот на господинот Ел Барадеи исто така се повикува Иран да потпише таканаречен Дополнителен протокол, што е правен договор со кој на инспекторите на Агенцијата им се дава значително поголем пристап до локациите и до информации“, вели таа.

Нуклеарната агенција на Иран вели дека го разгледува предлогот на Меѓународната агенција за атомска енергија. Француската новинска агенција од Техеран јави дека портпарол на владата изјавил дека овој проблем се анализира, како што го рече, со позитивен пристап.

Иран вели дека неговата нуклеарна програма е сосема мирнодопска, но САД велат дека Иран не ги пријавува активностите за збогатување на нуклеарниот материјал, што може да се користи за производство на нуклеарни бомби.

Бордот директори на Меѓународната агенција за атомска енергија од 35 члена, цела недела се состанува во Виена и се очекува утре повторно да расправа за проблемот со Иран. Следните извештаи за соработката на Иран со агенцијата треба да бидат поднесени во септември и ноември.

XS
SM
MD
LG