Линкови за пристапност

Весли Кларк најавува номинација за демократски кандидат за претседател на САД - 2003-06-16


Најновиот можен кандидат за претседателските избори што ќе се одржат наредната година, е Весли Кларк, поранешен командант на НАТО и генерал на американската армија во пензија.

Генералот Кларк за неделната емисија 'Meet the Press' на Ен-Би-Си телевизијата, изјави дека како демократ, сериозно размислува за претседателска кандидатура и дека конечно ќе реши дали да се приклучи кон групата кандидати од Демократската партија во наредните неколку месеци.

„Во однос на многу нешта, би сакал да имам шанса да и помогнам на оваа земја и не знам дали тоа ќе го сторам доколку станам претседател или правејќи нешто друго. Со исклучок на последните три години, целиот живот сум го минал во јавна служба и е мошне тешко да не се мисли за доброто на државата. Кога ќе видите дека земјата е во неволја, кога сте предизвикани, секако би сакале да втрчате во помош“, рече тој.

Генералот Кларк во американската армија минал 33 години и се издигна на ниво на генерал со четири ѕвездички. Неговата последна функција беше Врховен команданд на НАТО и беше на чело на воената коалициона кампања на Косово во 1998-та и 1999-та година.

Г-динот Кларк има критички став во однос на надворешната политика на претседателот Буш. Тој вели дека администрацијата треба да стори повеќе за да изврши притисок врз потенцијалните непријатели како Северна Кореја и Иран, како и тоа оти претседателот премногу избрзува во употребата на воена сила.

„Мислам дека проблемот со воената акција во сите овие случаи, би требало да биде последниот ресурс, бидејќи кога преземате воена акција, имате многу последици кои не можете да ги предвидите. И доколку целта е да се пронајде оружјето, тогаш дозволете ни да го пронајдеме на најдиректен начин, преку инспекции, притисок и забележливо присуство. Јасно дека секогаш ја имате воената карта во ракавот, но тоа не е првата карта што треба да се фрли“, смета г-динот Кларк.

Неколкумина други демократи-кандидати за претседател изразија слична загриженост околу надворешната политика на г-динот Буш.

Но, администрацијата на претседателот на тоа одговара дека светот се променил по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон во 2001-та, и дека САД нема да се двоумат да употребат воена сила како превентивна политика со цел отстранување на потенцијалните закани.

Засега, девет демократи се претседателски кандидати. Освен генералот Кларк, демократот од Сенатската комисија за односи со странство, сенаторот Џозеф Бајден од Делавер неодамна најави декае можно и тој да се приклучи во трката за Белата куќа.

XS
SM
MD
LG