Линкови за пристапност

Конференција во Куала Лумпур:САРС- што понатаму? - 2003-06-16


Раководството на Тајван ја поздравува ретката можност да учествува на конференцијата на Светската здравствена организација посветена на Тешкиот акутен респираторен синдром или САРС. Од Хонг Конг известува Курт Акин.

За првпат во 30 години, Тајван и официјално ќе учествува на настан во организација на Светската здравствена организација. На конференцијата, што започнува утре во Куала Лумпур, ќе се расправа на тема: САРС – Што понатаму?

Со децении Кина го блокираше членството на Тајван во Светската здравствена организација. Пекинг го смета Тајван за отцепена провинција, бара суверенитет врз островот, а и претходно го спречувал тајванското учество во организации чии членки вообичаено се независни држави.

Претставници на СЗО велат дека се консултирале со Пекинг пред да го поканат Тајван да учестува на претстојниoт собир.

Тајванските претставници не придаваат големо политичко значење на нивното учество, велејќи дека на конференцијата вниманието ќе биде насочено на техничките прашања поврзани со САРС.

Тајван е трета земја по бројот на пријавените случаи на болеста, со 700 заразени лица и со преку 80 смртни случаи. Двајца од четворицата тајвански лекари поканети на конференцијата, нема да можат да присуствуват, бидејќе неодамна лечеле пациенти со САРС и постои ризик дека може да бидат преносители на болеста.

Светската здравствена организација ги повлече забраните за патувања во сите азиски региони освен во Пекинг и Тајван и покрај знаците дека ширењето на заболувањето е ставено под контрола.

Но д-р Дејвид Хејман, шеф на Одделот за заразни болести при СЗО, посочува на вториот бран инфекции од САРС во Торонто. Тој вели дека клучните прашања за болеста остануваат неодговорени:дали вирусот ќе остане и ќе почне повторно да се пренесува со промената на годишните времиња? Доколку не е сезонски, кои се факторите на ризик кои беа водечки во минатото и може да бидат водечки и во иднина за болеста да завладее меѓу населението?

Досега од САРС во светот починаа преку 800 лица, а заразени се преку 8.400. Повеќето од случаите се во Кина, Хонг Конг, Тајван и Сингапур.

XS
SM
MD
LG