Линкови за пристапност

Американскиот Конгрес разгледува закон за заштита на произведодителите и дилерите на оружје од судски постапки - 2003-06-12


Секој американски политичар ќе ви каже дека постојат неколку жешки теми што можат да влијаат на изборите. Тоа се прашања кои многу ги засегаат Американците и по кои политичарите се делат на „за“ и „против“. Едно од нив е абортусот. Второ е смртната казна. И потоа следува прашањето за оружјето. Правото за поседување оружје е запишано во американскиот Устав пред повеќе од 200 години и некои укажуваат дека каков и да е закон за регулирање на поседувањето оружје во тој контекст е противуставен. Сепак, неодамна, жртвите на вооружени насилства започнаа судска битка со индустријата за огнено оружје. Доколку предлог-законот кој се разгледува во американскиот Конгрес стане закон, тоа ќе значи крај на вакви судски постапки. Овој законски акт ефикасно ќе го гарантира имунитетот на производителите на оружје и дилерите од судски постапки. Индустријата за оружје започна со кампања за заштита, откако поротата во Калифорнија нареди создавачот на оружјето, неговиот производител и неговиот продавач да му исплатат 50 милиони оштета на едно дете кое останало парализирано во несреќен случај со огнено оружје во 1994 година.

„Целта на овој закон е спречување на смешни судски постапки кои само ќе го блокираат судскиот систем. Овие постапки се идеи на адвокати гладни за пари кои се решени да ја направат индустријата за оружје одговорна за криминалните акти“, вели Ендрју Аруланандам, портпарол на Националната асоцијација за огнено оружје.

Произведувачите на оружје подолго време тврдат дека тие не треба да се сметаат за одговорни кога некој ќе употреби нивен производ на небезбеден и незаконски начин. Овој аргумент доби ново значење на почетокот на годинава, кога Дениз Џонсон, вдовица на Конрад Џонсон покрена судска постапка против произведувачот на оружјето со кое бил убиен нејзинот сопруг. Конрад Џонсон е еден од десетмината убиени во околината на Вашингтон во октомври минатата година, од познатиот вашингтонски снајперист. Семејствата на неколку од жртвите се приклучија на тужбата, во која исто така се споменува сопственикот на продавницата за оружје каде Џон Мухамед и Ли Бојд Малво нелегално набавиле снајпер со кој ги извршиле нападите.

„Лицата кои стојат зад овие судски тужби не сугерираат дека дилерите на оружје или произведувачите на оружје треба да бидат одговорни секогаш кога нивното оружје ќе биде употребено во криминален акт. Сепак, има некои случаи каде криминалот е предизвикан од специфични акти на невнимание“, смета Џон Лови, адвокат на Центарот Брејди за превенција од вооружено насилство кој ја претставува Дениз Џонсон и останатите во овој случај.

Тој вели дека продавницата за оружје Bull's Eye од каде Ли Бојд Малво го украл снајперот има дебело досие за неправилно чување на оружјето. Тој исто така потенцира дека било неодговорно од Bushmaster, произведувачот на снајперот да соработува со оваа продавница. И, според Џон Лови, Bushmaster и натаму може на граѓански суд да биде осуден за небрежност, иако компанијата не прекршила никаков закон со продавањето оружје на невнимателен дилер.

Џон Лови вели дека според постоечките закони, работа на поротата е да утврди дали се работи за негрижа. Но доколку федералните закони за кои се залага индустријата за оружје бидат одобрени, како што многумина веруваат, г-динот Лови вели дека ќе биде речиси невозможно некој веќе да обвини за негрижа некој производител или дилер на оружје. Но Ендрју Аруланандам од Националното здружение за оружје смета дека индустријата за оружје заслужува специјална заштита, бидејќи од неа зависи националната безбедност.

Индустријата за оружје е исто така и индустрија со многу силно политичко влијание. Легислативата за имунитет беше одобрена од Претставничкиот дом. Сега таа се разгледува во Сенатот, каде има околу 53 поддржувачи или повеќе од половина од членовите. За да биде одобрена, потребно е за неа да гласаат две-третини од членовите. Противниците се закануваат со опструкции, но доколку законот мине во двата дома на Конгресот, претседателот Буш веќе кажа дека ќе го потпише.

XS
SM
MD
LG