Линкови за пристапност

Стејт Департмент: Препораки за поголема ефикасност на македонското судство во борбата против трговијата со луѓе - 2003-06-12


Американскиот државен секретар Колин Пауел по објавувањето на извештајот изјави дека се проценува оти во трговијата со бело робје годишно се вклучени околу 900 илјади луѓе, од кои речиси 200 илјади влегуваат во САД. Меѓутоа, Пауел истакна дека многу земји ги унапредуваат напорите за борба против ова зло. Меѓу тие земји е и Македонија. Во извештајот на Стејт Департментот се наведува дека “Македонската влада во целост се придржувала кон минималните стандарди за борба против трговијата со луѓе и покажала засилено и ефикасно спроведување на законите во областите населени со етнички Албанци, кои не беа под контрола за време на конфликтот во 2001-та, како и во регионите каде е најзастапена трговијата со луѓе“. Притоа се објаснува дека Македонија е главно транзитна, но и земја која е крајна дестинација за жени и деца со кои се тргува заради проституција од државите на поранешниот Советски Сојуз и Источна Европа, пред се од Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Некои од жртвите остануваат во Македонија, а некои се пренесуваат во Албанија и на Косово. Позитивните оценки во извештајот на Стејт Департментот се однесуваат на работата на полицијата, која соработува и со невладините организации во превенцијата на трговијата со луѓе. Меѓутоа, официјален Вашингтон изразува загриженост заради малиот број на пресуди во однос на апсењата, поради што покажува сомневање во интегритетот на судиите. Се наведува дека полицијата извршила околу 100 апсења и биле поднесени 70 кривични пријави поврзани со трговијата со луѓе, но биле изречени само 11 пресуди. Затоа се препорачува во иднина да се вложат повеќе напори во зајакнување на судските капацитети.

XS
SM
MD
LG