Додека продолжуваат масовните улични протести во главниот град на Иран, Техеран, највисокиот лидер на оваа држава зборуваше против САД, велејќи дека тие стојат зад создадениот хаос.
Ајатолахот Али Каменеи, зборувајќи на иранската државна телевизија го обвини Вашингтон за обид да направи раздор меѓу иранскиот народ и неговата влада. Американските претставници сватија дека не можат да го урнат исламскиот режим со воени средства, кажа тој, и сега се обидуваат да создадат социјални немири.
Говорот на ајатолахот уследи само неколку часа откако делови на Техеран беа запоседнати од демонстранти, главно во возила, кои ги затворија улиците на градот и создаваа бучава со автомобилските сирени.
Се чини дека најголемите демонстрации против владата добиваат во сила. Демонстрантите извикуваа Смрт на диктаторите и слогани за политичка слобода. Некои помлади учесници на демонстрациите извикуваа и слогани против ајатолахот Каменеи, за што во Иран може да се добие затворска казна.
Полицијата ги држеше демонстрантите подалеку од зградите на техеранскиот универзитет, што беше сцена на насилни немири пред четири години. Во обид да ја смири ситуацијата, ајатолахот Каменеи ги советуваше припадниците на исламската паравојска да стојат настрана од протестите.
Студентските организатори велат дека сакаат повторување на турбулентните демонстрации од јули 1999 година, кога главниот град беше парализиран со цел да се изврши притисок за реформи
Несогласувањата меѓу претседателот Мохамед Катами и парламентот под раководство на реформисти и од друга страна моќните конзервативни сили во законодавството се прошируваат.
Иран исто така е под зголемен притисок од Вашингтон. Американски претставници го обвинуваат Техеран за заштитување на членови на терористичката мрежа ал-Каида и за градење на нуклеарно оружје. Тие велат дека ја поддржуваат желбата на иранскиот народ за политичка промена.
Набљудувачите велат дека станиците на американска сателитска телевизија со пренесување на протестите вршат промоција на протестите. (SIGNED)