На средбите кои се планирани за денес и утре министрите за одбрана ќе разговараат за ситуацијата во Ирак. Господинот Рамсфелд и секретарот за одбрана Џеф Хун ќе ги брифираат колегите за лекциите научени од војната во оваа земја, меѓу кои и за потребата од брзоподвижни сили за идни борбени операции.
Но плановите да се намали командната структура на НАТО со цел подобро да се одговори на ненадејни и непредвидливи закани, беа одложувани заради несогласување меѓу сојузниците за тоа каде да се постават базите.
НАТО сега бара начин да го премести тежиштето од поставеноста која беше соодветна во ерата на Студената војна, на поподвижни сили кои ќе можат да проектираат моќ каде и да се појави заканата.
Пред заминувањето во Брисел, господинот Рамсфелд зборуваше во Центарот за меѓународни студии во германскиот град Гармиш Партенкирхен, каде се обучуваат армиски и цивилни претставници на поранешните комунистички држави. Тој притоа повика на трансатлантско единство, велејќи дека тоа е клучно за заедничката безбедност што се наоѓа под закана од тероризам и оружје за масовно уништување.