Бомбашки напад во Ерусалим
Палестинската група Хамас ја презеде одговорноста за денешниот самоубиствен бомбашки напад во автобус во Ерусалим. Според последните извештаи во нападот загинале 16 лица, а 90 се повредени. Сведоци изјавија дека напаѓачот бил преправен во ултра-ортодоксен Евреин. Видливо налутен претседателот Буш остро осуди нападот во неговата изјава пред новинарите во Чикаго.Кусо време по нападот, израелски хеликоптери испукале ракети врз едно возило во градот Газа. Очевидци велат дека седуммина Палестинци биле убиени, од кои двајца членови на военото крило на Хамас. Засега не е познато дали овој напад е одмазда за бомбардирањето на автобусот.
Ирак
Главниот инспектор за оружје на ОН, Ханс Бликс ги критикуваше САД дека воделе кампања за негова дискредитација во подготовките за војната против Ирак предводена од САД. Господинот Бликс во изјавата за британскиот весник Гардијан вели дека некои американски претставници подметнувале во медиумите “валкани работи за него“, како што ги нарече. Тој исто така кажа дека бил под притисок од САД да користи покритички зборови во известувањето за ирачкото оружје за масовно уништување. Господинот Бликс се пензионира на крајот на јуни откако раководеше три години со тимот на инспекции за оружје.
Конгрес
Мнозинството републиканци во Конгресот го одбија барањето на демократите за официјална истрага на начинот на кој администрацијата на Буш ги користела разузнавачките информации за ирачкото оружје за масовно уништување. На денешната прес-конференција претседавачот со сенатската Комисија за разузнавање, Пет Робертс кажа дека нема докази за погрешно постапување и доволно ќе биде само да се направи рутински преглед. Сенаторот Робертс рече дека Комисијата ќе ги ревидира разузнавачките податоци за ирачкото оружје за масовно уништување од предводениот период, како и поврзаноста на оваа земја со терористичките групи. Сенатската Комисија за вооружени служби исто така одржува сослушување по ова прашање зад затворени врати. Водечките демократи во Сенатот побараа официјална истрага поради обвинувањата за можна манипулација со разузнавачките информации за да се поддржи војната.
Турција-експлозија
Турските власти соопштија дека едно лице било повредено во денешната експлозија во близина на американскиот конзулат во турскиот град Адана. Турската полиција уапсила едно лице осомничено за нападот. Турската Си-Ен-Ен телевизија јави дека напаѓачот влегол во градината на конзулатот и фрлил две експлозивни направи, од кои една експлодирала. Според извештаите не е направена значајна штета на конзулатот. Има спротивставени извештаи дали осомничениот фрлил бомби, гранати или ударна бомба што само предизвикува врева. Осомничениот рекол дека нападот бил одмазда за израелскиот обид за атентат врз лидерот на милитантниот Хамас, Абдел Азиз Рантиси.
Рамсфелд во Европа
Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ги повика европските сојузници да ги остават настрана разидувањата со САД во врска со Ирак и да се здружат против меѓународниот тероризам. Во обраќањето до европските одбранбени лидери на состанокот во Германија, господинот Рамсфелд денеска повика на цврсти транс-атлантски односи. Тој кажа дека американско-европското единство сега е поважно од кога било порано затоа што државите се соочуваат со двојна закана од тероризам и ширење на оружје за масовно уништување. Германскиот министер за одбрана Питер Штрук потоа говореше дека верува оти повремените несогласувања како она за Ирак, не би требало да бидат закана за германско-американското пријателство.
САРС
Водечкиот експерт за заразни болести на Светската здравствена организација, Дејвид Хејман се сретна со претставници на кинеското здравство со цел да ги расчисти дилемите за начинот на кој Кина ги пријавува случаите на САРС. Господинот Хејман денеска изјави дека тој во Пекинг дошол како дел од напорите за расчистување на прашањатат во врска со наглото и значително намалување на бројот на новите случаи на САРС пријавени во кинескиот главен град. Владината агенција Ксинхуа јави дека г-динот Хејман на високите кинески претставници им кажал дека до Светската здравствена организација ќе поднесе позитивен извештај за начинот на кој Кина презема заштита и за третманот на САРС. Здравствената агенција на ОН минатата недела почна да се прашува дали Кина ги пријавува сите случаи на вирусот сличен на пневмонија, од кој во светот умреа 789 лица, а на 8.400 се разболеа во последните седум месеци.