Линкови за пристапност

Најнови вести, 11 јуни - 2003-06-11


Ерусалим - експлозија

Израелското радио јави дека денеска неколку лица загинале во експлозија на бомба во еден автобус во центарот на Ерусалим. Најверојатно бомбашкиот напад на улицата Јафа се случи само еден ден откако палестинската милитантна група Хамас вети дека ќе се одмазди за израелскиот обид за убиство на високиот припадник на Хамас, Абдел Азиз Рантиси.

Израел-Палестинци

Израел вели дека има разузнавачки податоци дека високиот припадник на Хамас, што Израел се обиде вчера да го убие, помагал да се планираат напади врз Израелци. Израелските власти велат дека доказите покажуваат оти обидот за убиство на портпаролот на Хамас, Абдел Азиз Рантиси бил оправдан и дека немале намера да ја саботираат “мапата кон мирот“ за Блискиот Исток. Израел ги предаде разузнавачките податоци на САД, еден ден откако претседателот Буш кажа дека е заггрижен заради обидот за убиство. Господинот Рантиси беше ранет кога израелски хеликоптери испукале неколку проектили во неговото возило во Појасот Газа. Притоа беа убиени еден од неговите телохранители и една Палестинка, а 25 лица биле ранети.

Бликс обвинува

Главниот инспектор за оружје на ОН, Ханс Бликс ги критикуваше САД дека воделе кампања за негова дискредитација во подготовките за војната против Ирак предводена од САД. Господинот Бликс во изјавата за британскиот весник Гардијан вели дека некои американски претставници подметнувале во медиумите “валкани работи за него“, како што ги нарече. Тој исто така кажа дека бил под притисок од САД да користи покритички зборови во известувањето за ирачкото оружје за масовно уништување. Господинот Бликс се пензионира на крајот на јуни откако раководеше три години со тимот на инспекции за оружје.

Германија-Авганистан

Германскиот министер за одбрана Питер Штрук кажа дека терористите на ал-Каида биле зад самоубиствениот бомбашки напад минатата недела, во кој загинаа четворица германски мировници во главниот авганистански град. Господинот Штрук денеска за германската телевизија изјави дека напаѓачот бил член на ал-Каида, дека бил поврзан со Талебан и дека го поддржувале силите на предавничкиот авганистански племенски водач Гулбудин Хекматар. Тој кажа дека три групи се обидуваат да ги истераат од Авганистан Меѓународните сили за помош во безбедноста. Германските војници заминувале од Авганистан минатата сабота, кога бомбаш самоубиец застанал со возило крај нивниот автобус и активирал експлозивна направа.

Рамсфелд во Европа

Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ги повика европските сојузници да ги остават настрана разидувањата со САД во врска со Ирак и да се здружат против меѓународниот тероризам. Во обраќањето до европските одбранбени лидери на состанокот во Германија, господинот Рамсфелд денеска повика на цврсти транс-атлантски односи. Тој кажа дека американско-европското единство сега е поважно од кога било порано затоа што државите се соочуваат со двојна закана од тероризам и ширење на оружје за масовно уништување. Германскиот министер за одбрана Питер Штрук потоа говореше дека верува оти повремените несогласувања како она за Ирак, не би требало да бидат закана за германско-американското пријателство.

Југоисточна Азија – тероризам

Безбедносните агенции во Југоисточна Азија се во потрага по осомничени муслимански терористи откако заробија четворица обвинети за планирање напади врз амбасади во Тајланд. Не се знае колку лица се бараат. Досега десетици осомничени терористи се притворени во Сингапур, Малезија, Тајланд и Индонезија. Тројца тајландски муслимани – еден лекар и еден сопственик на верско училиште и неговиот син, биле заробени во вчерашна акција во Тајланд. Властите велат дека сопственикот на училиштето и неговиот син признаел дека се припадници на милитантната група Џема Исламија. Сите тројца се обвинети дека планирале напади врз туристички места и врз западни амбасади. Четвриот осомничен, инаку Сингапурец, бил депортиран во Сингапур.

САРС

Водечкиот експерт за заразни болести на Светската здравствена организација, Дејвид Хејман, кажа дека тој не се сомнева во точноста на кинеските податоци за случаите на САРС, но додаде дека би сакал тоа да го расчисти за време на дводневната посета на Пекинг. Господинот Хејман денеска пристигна во главниот град на Кина на средби со министрите за здравство. Неговата посета уследи по ненадејното и значително опаѓање на бројот на нови случаи на Тешкиот акутен респираторен синдром во овој град. Здравствената агенција на ОН минатата недела почна да се прашува дали Кина ги пријавува сите случаи на вирусот сличен на пневмонија, од кој во светот умреа 789 лица, а над 8.400 се разболеа во последните седум месеци.

XS
SM
MD
LG