Толпата народ која извикуваше пароли за ослободување на политичките затвореници, го блокира плоштадот во близина на Универзитетот Техеран, сцена слична на онаа од пред речиси четири години кога беа организирани најголемите про-реформски немири од 1979-та наваму.
Овојпат, демонстрантите го изразуваа своето незадоволство против моќните ирански муслимански свештеници, заради ограничување на слободите и заради тоа што реформистичката влада не успева да ги спречи во тоа.
Демонстрантите ги кршеа излозите на продавниците, опожаруваа моторцикли и ги уништуваа јавните телефонски говорници пред да бидат спречени од спепецијалната полиција и членовите на доброволната исламска милиција Басиј од тврдата линија.
Студентските лидери велат дека шефот за безбедност на Техеран, Али Таала ги повикал да го избегнат повторувањето на насилните протести што се случија во иранскиот главен град во 1999-та.
Што се однесува до зголемениот американскиот притисок врз Иран, г-динот Таала рече дека организаторите на протестите треба да ја разберат ситуацијата во која се наоѓа земјата и да не дозволат нивните активисти да излезат од контрола.
Но, аналитичарите предвидуваат дека ќе уследат дополнителни немири. Спорот меѓу претседателот Мохамед Катами и парламентот предводен од реформистите од една, и моќните тврдокорни лидери во судството од друга страна, се проширува. Угледниот реформистички активист, Хашем Ахаџари и натаму се наоѓа во затвор, а неговата пресуда сеуште е на преиспитување.
Аналитичарите велат дека постои огромен политички и социјален притисок врз иранското општество.
Неделава, американскиот државен секретар, Колин Пауел ги повика Иранците да поттикнат промени одвнатре, за Иран да стане, како што кажа, помалку проблематичен член на меѓународната заедница. Последниве недели американски претставници неколку пати го обвинија Иран за обид да развие оружје за масовно уништување и за обезбедување на прибежиште на терористите на Ал-Каида, обвиненија што Иран ги порекнува.
Извршниот ирански лидер, Ајатолахот Али Каменеи, повика студентите да го спречат, како што го нарече, ѓаволскиот заговор на САД за дестабилизација на исламскиот режим.