Во нов извештај за миграцијата во светот се вели дека владите не можат поединечно да се справат со проблемот на се поголема меѓународна миграција, но дека со заедничко работење може да се направи систем од кој сите ќе имаат корист. Меѓународната организација за миграција вели оти таков систем исто така би помогнал да се застане на пат на трговијата со луѓе и експлоатацијата на нелегалната миграција.
Извештајот на Меѓународната организација за миграција вели дека прашањето на миграцијата во светот е премногу големо за да може да биде игнорирано од владите или пак тие да се обидат сами да го решат.
Во изминатите 25 години, организацијата вели дека бројот на меѓународните мигранти се зголемил повеќе од двојно, достигнувајќи 175 милиони во 2002 година. Тоа значи дека едно на 35 лица ја напуштило земјата од која потекнува во потрага по подобри економски можности.
И покрај перцепцијата на богатите држави, извештајот вели дека најголем дел од мигрантите од земјите во развој не одат во индустријализираните држави, туку се движат во рамки на својот регион. Исто така се вели дека многу од мигрантите се надеваат дека ќе останат само кусо време пред да се вратат во домашните земји.
Генералниот директор на Меѓународната Организација за миграција Брансон МекКинли вели дека мигрантите даваат голем придонес на нивните земји. Светската Банка проценува дека мигрантите дома испраќаат заработка од најмалку 80 милијарди долари годишно.
„Тоа се многу пари. Осумдесет милијарди годишно што минуваат низ границите се значително поголема сума отколку што е официјалната помош за развој и многу повеќе од меѓународните кредити, кои во голема мерка пропаднаа на денешниот кредитен пазар. И тоа е бројка што се приближува на директното инвестирање од странство. Всушност, во реалноста тоа може да биде и поголема сума од директните странски инвестиции“, вели тој.
Извештајот вели дека имало драматично зголемување во бројот на мигрантите кои биле злоупотребувани и експлоатирани од трговци со луѓе за кои извештајот вели дека спроведуваат нов вид на робовска трговија. Организацијата смета со воведување ред во миграцијата ќе се намали таквата пракса и ќе ја извлече од рацете на криминалните профитери.
Извештајот исто така покажува дека нападите од 11 септември 2001 година имале значителен ефект на миграционите прашања. Еден од лошите споредни ефекти било идентификувањето на мигрантите со терористи.
Но директорот за миграциона политика на организацијата вели дека од овие настани имало и позитивни ефекти.
„Мислам дека еден од начините на кои 11 септември влијаеше на размислувањето кај владите во светот е што ги направи свесни за фактот дека еднодимензионален приод кон миграцијата не може да функционира, а потоа, мислам дека е чесно да се каже, дека тие настани ги направија владите подготвени да се консултираат и да соработуваат во врска со миграцијата“,истакнува г-динот МекКинли.
Извештајот вели дека САД и Руската федерација се на врвот на листата со најголем број мигранти.