Линкови за пристапност

Американскиот секретар за одбрана Рамсфелд на европска турнеја - 2003-06-10


Целта на патувањето на господинот Рамсфелд е да им се заблагодари на европските држави кои ја поддржаа војната во Ирак предводена од САД и да побара повеќе помош таму да се одржи мирот.

Тој кажа дека САД разговараат со околу 30-тина земји за составување на меѓународни мировни сили за Ирак. Но стави на знаење дека дури и откако овие сили ќе почнат да пристигнуваат во септември, ќе има отпор од елементите кои се уште му се лојални на Садам Хусеин.

Една од причините за тоа, вели господинот Рамсфелд, е што коалицијата предводена од САД не успеа да докаже дека Садам Хусеин е мртов. Тој неуспех, како што додаде, може да биде охрабрувачки за лојалистите на соборениот лидер да ги напаѓаат американските сили во Ирак.

Откако претседателот Буш објави крај на главните борби во Ирак на 1-ви мај, во напади беа убиени 29 американски војници.

Секретарот за одбрана зборуваше на прес-конференцијата во Португалија пред да замине за Албанија. Овие две земји ја поддржуваа американската позиција за време на војната, но не испратија свои војници.

Албанија само распореди мала неборбена единица во за да помогне во повоеното мировништво во Ирак, а Португалија најави дека ќе испрати околу 100 полицајци кои би ја надгледувале дистрибуцијата на хуманитарна помош.

Од Албанија, господинот Рамсфелд накусо ќе го посети Центарот за меѓународни студии во Гармиш во Германија, кој има тесни врски со Пентагон. Во овој центар се наоѓа училиштето за претставници од среден ранг од земјите од поранешниот советски блок кои или се во сојуз со НАТО или очекуваат да се зачленат во Алијансата.

Во четврток и петок, господинот Рамсфелд ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел додека алијансата се обидува да ги надмине разликите во врска со Ирак и да се соочи со новите предизвици во иднина.

Пентагон планира глобално прераспоредување на силите со кое се очекува американските трупи да бидат преместени од големите бази во Германија од времето на студената војна, на други локации во Источна Европа.

Висок претставник на НАТО кажа дека овие американски планови не се наоѓаат на официјалната агенда на министерот. Тој вели дека тие ќе се концентрираат на реорганизација на командната структура на НАТО за да ја приспособат на предизвиците на 21-от век, како што е тероризмот и непријателските држави кои поседуваат оружје за масовно уништување.

XS
SM
MD
LG