Линкови за пристапност

Во хеликоптерски напад на израелската војска, повреден портпарол на Хамас - 2003-06-10


Еден од лидерите на Хамас беше повреден во напад од израелски хеликоптер во градот Газа. Извештаите велат дека најмалку три лица загинале во нападот и дваесет други се повредени.

Џипот на лидерот на Хамас Абдел Азис Рантиси се движел низ градот Газа кога бил погоден од проектил испукан од израелски хеликоптер, по што возилото се запалило.

Официјални лица на Хамас кажаа дека господинот Рантиси бил повреден во нападот. Сведоци изјавиле дека од уништениот џип биле извадени неколку тела, а едно од повредените било бебе.

Господинот Рантиси е познат портпарол на Хамас и последниве денови беше многу гласен со изјави на спротивставување на прекин на нападите против Израел.

Хамас често изведува самоубиствени бомбашки напади и друг вид терористички напади. Повелбата на организацијата повикува на уништување на Израел.

Последниве неколку дена , Хамас беше вмешан во најмалку два напади во појасот Газа и на Западниот брег во кои беа убиени петмина израелски војници.

Во петокот Хамас ги отповика планираните разговори за примирје со палестинскиот премиер Махмуд Абас.

Организацијата изрази лутина што господинот Абас го осуди палестинскиот тероризам но се воздржа од барање крај на израелските воени акции во Западниот брег и Појасот Газа.

Хамас денеска исто така вети дека ќе започне бран напади по повод обидот за атентат на господинот Рантиси.

Официјално лице на Хамас кажа дека организацијата ќе ја запали замјата.

Палестинскиот министер за информации Набил Амр исто така го осуди израелскиот напад во Газа.

Тој кажа дека операцијата била со цел не само да бидат убиени членови на Хамас, туку да биде убиена и надежта за успех на планот Мапа кон мирот на Блискиот Исток.

XS
SM
MD
LG