Линкови за пристапност

Меѓународната заедница е загрижена за безбедноста во Кабул - 2003-06-10


Меѓународните мировници во Кабул, во Авганистан, им оддадоа последна почест на нивните четворица германски колеги, кои загинаа во самоубиствениот бомбашки напад во неделата. Претставниците на ОН велат дека загриженоста за безбедноста е голема по првото убиство во главниот град на Авганистан.

Стотици припадници на авганистанските Меѓународни сили за помош во безбедноста денеска се собраа за да им одадат почит на германските војници пред нивните останки да бидат вратени дома.

Портпаролот на ОН, Мануел де Алмеида е Силва кажа дека самоубиствениот напад во саботата предизвикал особена загриженост во меѓународната заедница во Кабул, бидејќи е прв ваков терористички напад врз мировниците. Тој додаде дека авганистанските граѓани исто така се загрижени.

„Од разговорите со Авганистанците, забележав дека кај нив има чувство на непријатност затоа што луѓето што дошле да им помогнат, се убиени на таков начин“,рече г-динот де Алмеида е Силва.

Покрај убиството на четворицата Германци, во бомбашкиот напад загина и еден авганистански цивил, а беа ранети уште десетина војници и минувачи.

Европските експерти за судска медицина ги испитуваат останките на бомбашот и остатоците од такси-автомобилот што бил употребен за да се изврши нападот, обидувајќи се да го одредат идентитетот на извршителот.

Но господинот де Алмеида е Силва вели дека локалните власти ќе имаат клучна улога во истрагата.

„Тие се одговорни за безбедноста и имаат многу средства, пред се контакти и начини да соберат разузнавачки информации“, вели тој.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во меѓувреме повика на спречување на идните напади и кажа дека смета оти бомбашот самоубиец не бил Авганистанец. Тој исто така ги смирува сомневањата дека овој напад претставувал обновување на активностите на поддржувачите на соборениот талебански режим.

Германските војници сочинуваат над 40 проценти од вкупно 5.000 припадници на силните меѓународни мировни сили кои се одговорни за безбедноста на Кабул. Тие исто така командуваат со силите заедно со Холанѓаните, но тоа овластување е предвидено во август да го предадат на НАТО.

ОН добија мандат да распоредат мировници во декември 2001-та, откако талебанскиот режим беше соборен со воената операција против тероризмот предводена од САД.

Мировниците се ограничени на главниот град, меѓутоа некои набљудувачи се залагаат овие сили да се прошират во провинциите, каде што паравоените сили на племенските водачи се уште контролираат поголем дел од земјата.

XS
SM
MD
LG