Северна Кореја вели дека сака да заштеди пари за доброто на својот народ и дека во тоа ќе помогне производството на нуклеарно оружје.
Државната новинска агенција на Северна Кореја јави дека нуклеарната одбрана би ја намалило масовната армија од милион трупи. Резултатот од штедењето ќе помогне, како што се наведува“ за подобрување на животниот стандард на луѓето“.
Сиромашната сталинистичка држава се соочи со глад во средината на 90-те години. Хуманитарните агенции велат дека милиони луѓе се неухранети и дека економијата е на раб на колапс.
САД кажаа дека дипломатите од Северна Кореја во три прилики признале дека Пјонгјанг веќе поседува нуклеарно оружје. Но овој коментар на агенцијата е најјасно соопштување во јавноста на овој факт.
Хидеши Такесада, професор на јапонскиот Национален Институт за одбранбени студии, се сомнева во тврдењата на Северна Кореја.
Професорот Такесада вели дека производството на нуклеарно оружје потенцијално носи голем профит за Пјонгјанг, кој може да извесува бомби во земји како Иран, Ирак, Сирија, Египет и Пакистан за да заработи странска валута.
Во меѓувреме, претседателот на Јужна Кореја, Ро Му-Хјун својата четиридневна посета на Јапонија ја заврши повторувајќи дека Сеул нема да толерира Северот да има нуклеарно оружје.
Во обраќањето пред јапонскиот парламент, господинот Ро кажа дека Северна Кореја мора да ги напушти своите нуклеарни амбиции и да живее во хармонија со своите соседи. Тој рече дека доколку Северна Кореја го избере тој пат, тогаш Јапонија, Јужна Кореја и меѓународната заедница ќе го поддржат Пјонгјанг.
Господинот Ро истакна дека бара мирно, дипломатско решение на проблемот. Тој не го повтори предупредувањето од самитот минатиот месец со САД дека ќе било потребно преземање натамошни чекори, доколку не успеат дипломатските преговори.
Вашингтон и Токио се многу погласни изминативе недели за евентуалната потреба за построги мерки за ставање под контрола на нуклеарните програми на Северна Кореја. Иако тие не појаснија за какви мерки се работи, можните опции се економски санкции, морска блокада, па дури и воен напад.
Северна Кореја вели дека воведувањето економски санкции би било еднакво на објавување војна. Пјонгјанг инсистира дека нуклеарниот проблем единствено може да се реши со билатерални разговори со САД, велејќи дека ќе се откаже од своите нуклеарни амбиции во замена за безбедносни гаранции и економска помош од САД.
САД велат дека Северна Кореја мора да ги запре нуклеарните програми пред да се разговара за помош и тоа на начин што ќе е проверлив. Јужна Кореја и Јапонија кажаа дека се подготвени да обезбедат помош кога Северна Кореја ќе докаже дека не произведува нуклеарно оружје.