Иран - САД
Иран вели дека американскиот притисок за откажување од неговата нуклеарна програма само ќе ги поткопа шансите за дијалог по ова прашање.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека силниот притисок врз Техеран ќе го зајакне влијанието на радикалните струи во Исламската Република, кои сметаат дека разговорите се трошење на време. Американски официјални лица го обвинуваат Иран за обид да развие нуклеарно оружје и за засолнување на членови на Ал-Каида, а Иран ги негира обвинувањата. Двете земји немаат воспоставено дипломатски односи, но на почетокот на годинава одржаа разговри кои беа прекинати по бомбашките напади на 12-ти мај во Саудиска Арабија, за кои американските власти сметаат дека можеби се дело на членови на Ал-Каида стационирани во Иран.
САД – Британија – Ирак
Претседателот Буш вели дека времето ќе докаже оти САД биле во право што ја собориле владата на Садам Хусеин.
Претседателот ова го изјави денеска, одговарајќи на прашање од новинарите, дали непронаоѓањето на оружје за масовно уништување во Ирак ќе го доведе во прашање кредибилитетот на САД. Господинот Буш рече дека Ирак имал програми за оружје и дека разузнавачките извештаи од минатата година тоа го потврдиле. Претставниците на администрацијта во интервјуа во изминативе денови инистираа дека вакво оружје ќе биде пронајдено. Постоењето на оружје за масовно уништување беше оправдување за започнување на инвазијата врз Ирак под американско раководтсво.
Блиски Исток
Израелската армија соопшти дека започнала со уништување на нелегалните еврејски населби на Западниот брег.
Воените претставници не прецизираа за кои населби станува збор. Главната организација на еврејските доселеници соопшти дека булдожери ја демолирале населбата Неве Ерез во близина на палестинскиот град Рамалах. На минатонеделниот мировен самит во Јордан, израелскиот премиер Ариел Шарон рече дека некои од населбите ќе бидат растурени како дел од напорите за напредок на мировниот план за Блискиот Исток. Палестинскиот премиер Махмуд Абас во понеделникот изјави дека нема да употреби сила против палестинските милитантни групи за кои Израел бара да бидат разоружани пред да се започне со спроведување на мировниот план.
Авганистан – Експлозија
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи изјави дека самоубиствениот напад со автомобил-бомба во кој загинаа германски мирвници не бил дело на Авганистанци.
Господинот Карзаи не објасни од каде му е ова сознание, но додаде дека остатоците од Талебан кои продолжуваат да изведуваат напади во најголем дел се странци. Четворица германски мировници беа убиени, а 31 војник бил повреден во најмалку еден самоубиствен бомбашки напад со такси возило, кое поминувало покрај автобусот во кој се наоѓале војниците. Во нападот загинал и еден Авганистанец. Овој напад е со најтрагични последици по мировниците од нивното распоредување во Кабул во декември 2001-та година, под мандат на ОН за да помогнат за обезбедување на авганистанскиот главен град.
САРС
Тајван пријави четири нови случаи на заразеност со САРС, додека раководителот на болницата во Тајпеи поднесе оставка преземајќи ја одговорноста за најновата епидемија.
Најновите случаи се дел од бранот инфекции што ја зафати болницата Јанг Минг во Тајпеи. Од понеделникот, болницата пријави шест нови потврдени случаи и 13 други за кои постојат сомневања. Раководителот на болницата денеска поднесе оставка преземајќи ја одговорноста за неефикасното спроведување на мерките за контрола на САРС. Центарот за контрола на болести соопшти дека властите ќе ја казнат болницата со 43.000 долари бидејќи била бавна во пријавувањето на новите случаи. Пред појавата на новите случаи, владата сметаше дека епидемијата на САРС во Тајван повеќе не се шири надвор од болниците.
Јован Павле Втори – Хрватска
Папата Јован Павле Втори се врати во Рим, по петдневната посета на Хрватска, што претставуваше 100-то негово патување во странство откако е на оваа позиција.
На мисата на отворено во Задар, Папата на насобраните речиси 100.000 верници им порача дека нивната храброст и верба ќе и обезбедат подобра иднина на земјата. Во неделата, на мисата во северниот дел од Хрватска, 83-годишниот Папа ги повика католиците јавно да застанат во одбрана на традиционалните семејни вредности, и ги повика младите Хрвати да основаат семејства.