На оние кои ја следат ситуацијата во Србија на политички и економски план вчера им беше презентирана мрачна слика за иднината на земјата. Во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон зборуваше Обрад Кесиќ, политички консултант и аналитичар на медиуми.
Господинот Обрад Кесиќ вели дека атентатот врз реформистичкиот премиер Зоран Џинџиќ во март годинава, предизвикал се уште неразрешена борба за власт во рамки на владејачката коалиција. Тој вели дека мерките на вонредна состојба што ги воспостави владата биле претерани и во голема мерка ги еродирале граѓанските слободи и слободата на печатот. Акцијата против организираниот криминал, тој вели дека била селективна, оставајќи некои криминални елементи недопрени. Овие репресивни мерки од кои немало голема корист, само ги затегнале односите на владата со јавноста, вели господинот Кесиќ.
„Битката за власт ќе продолжи, а со тоа ќе продолжи и отуѓувањето на граѓаните во државата. Како резултат на тоа брзо ќе биде загубена легитимноста и поддршката за реформски напори и земјата брзо ќе се најде во процеп, што нема да биде војна со себе си, но секако далеку од мир и стабилност што и се насушно потребни“, смета тој.
Господинот Кесиќ предвидува избори во Србија, можеби дури годинава, но тој се сомнева дека тие ќе донесат стабилност. Тој ја гледа владејачката коалиција на Демократската партија како арогантна и се понепопуларна.
„Политичарите во државата, особено на владејачката коалиција, го искористија моментот да ја консолидираат својата позиција на власт и да ги остварат сопствените амбиции“, истакнува Кесиќ.
На економски план, советникот во ММФ Срба Антиќ, вели дека владата добро стои. Тој рече дека атентатот го забавил приливот на директни странски инвестиции, но дека буџетското ограничување помогнало да се избегне голема инфлација.
Тој вели, а господинот Кесиќ се согласува, дека домашните проблеми ќе ја преокупираат Србија и дека има малку интерес за тоа што се случува во Црна Гора, која е сега во лабава федерација со Србија. Србите, велат двајцата, ја сметаат за прифатлива статус - кво ситуацијата со Косово, но ќе се спротивстават на секакви чекори кон независност на територијата со 90 проценти мнозинско албанско население.