Линкови за пристапност

Рауф Денкташ ќе ја одбие помошта од ЕУ, доколку таа оди преку кипарската влада под грчко раководство - 2003-06-05


Решението за кипарското прашање изгледа уште подалечно, пред се заради два моменти што се случија неделава.

Лидерот на кипарските Турци Рауф Денкташ вчера соопшти дека ќе го одбие пакетот-помош на ЕУ, доколку тој мине преку меѓународно признатата кипарска влада предводена од Грција.

Помошта обезбедува околу 14 милиони долари за енклавата на чело со г-динот Денкташ, која е призната како независна држава само од Турција.

Оваа одлука на лидерот на кипарските Турци доаѓа во време кога имаше се поголеми надежи оти ќе се стави крај на 29-годишната поделба на Кипар, како дел од аспирацијата за членство во ЕУ, планирано за наредната година. Но, разговорите за обединување пропаднаа во март, кога г-динот Денкташ не го прифати мировниот план на ОН, што доведе до протести против него во северен Кипар.

Одбивањето на понудата на ЕУ не ги изненади кипарските Грци. Поранешниот министер за надворешни работи, Јанакис Касолулидес го осуди овој чекор.

„Тој повторно на преден план ја става целта на неговата политика, а тоа е признавањето на неговата таканаречена Турска Република на Северен Кипар. И затоа, на секоја мерка што ќе се преземе, а што не го зема предвид признавањето што го бара, тој се спротиставува. Ова им наштетува на напорите за постигнување договор“, рече тој.

Неделава, британскиот специјален претставник за Кипар, Дејвид Ханеј, по седум години на функцијата, поднесе оставка, а британската влада вели дека тој нема да биде заменет, барем не засега. И специјалниот претставник на ОН, Алваро Де Сото се врати во својата канцеларија во Њујорк, иако вели дека ќе продолжи да работи на ова прашање.

XS
SM
MD
LG