Линкови за пристапност

Светски ден на екологијата - 2003-06-05


Денеска е Ден на екологијата. Програмата за заштита на животната средина на ОН денот го одбележува со повик за преземање поголеми чекори за заштита на изворите на чиста вода во светот. Да се најде свежа, чиста вода претставува проблем за милиони луѓе во светот. И тоа е проблем што убива. ОН велат дека од болестите поврзани со водата секои осум секунди умира по едно дете, а тоа е причина и за 80 проценти од болестите и смртните случаи во светот во развој.

Претставници на програмата за животна околина на ОН велат дека за 25 години, половината од шесте милијарди луѓе во светот би можеле да се соочат со тешкотии за доаѓање до вода за пиење и наводнување. Тие препорачуваат итно преземање мерки за ублажување на проблемот, почнувајќи со заштита и прочистување на постоечките резерви.

Портпаролот на оваа Програма на ОН, Мајкл Вилијамс вели дека една од причините за здравствената криза во Африка е токму немањето пристап до резерви на свежа вода.

„Тоа води кон многу здравствени проблеми. Квалитетот на водата е намален заради загадувањето со човечки отпадоци и со други загадувачи. Оттаму, проблемот е видлив од ден на ден. И проблемот со кој ќе се соочиме е се поголемата побарувачка на вода за пиење. А додека се создаде нова инфраструктура тие ќе бидат во невозможна ситуација“, истакнува г-динот Вилијамс.

Според статистичките податоци на ОН, секој шести човек во светот живее без пристап до чиста вода за пиење.

Господинот Вилијамс додава дека и во богатите земји се исцрпуваат резервите на свежа вода. Господинот Вилијамс вели дека тоа долгорочно ќе се одрази и врз биодиверзитетот.

XS
SM
MD
LG