Линкови за пристапност

Папата Јован Павле Втори во Хрватска - 2003-06-05


Папата Јован Павле Втори денеска пристигна во Хрватска, на патување што одбележува уште еден важен настан за него. Петдневната посета, ќе биде стото по ред патување на Папата во странство. Ова е трета посета на Папата на Хрватска, откако беше избран на чело на Римо-католичката црква пред речиси 23 години, и овојпат во оваа земја ќе престојува најдолго, со најмногу активности. 83-годишниот Папа во оваа земја ќе посети пет града и ќе присуствува на три миси што ќе се одржат на отворено.

На ова јубилејно патување, Папата ќе присуствува и на чествувањето што ќе се одржи в петок во Дубровник. Папата пред хрватските верници ќе зборува за мисионерката Марија Петковиќ и ќе ја претстави како пример на 20-тиот век, која својот живот го посветила служејќи им на сиромашните преку добротворна работа.

Папата ќе биде сместен во Риека и со авион ќе патува во останатите градови. Според податоците на Ватикан, Хрватска е дом на 3,8 милиони Католици, што е 80 проценти од хрватското население.

Економските проблеми на Хрватска, со стапка на небработеност што изнесува преку 20 проценти, и аспирацијата за членство во ЕУ, веројатно ќе заземат место во обраќањето на Папата. Но, тој главно во говорите ќе се фокусира на семејството, што е и тема на ова негово патување.

Додека траеја подготовките за посетата на Папата Јован Павле Втори, високи претставници на хрватската црква зборуваа за близината на Папата со Хрватите и за Хрватска, како втора земја со најбројни католички и христијански верници по родната земја на Папата, Полска. Претставниците подвлекоа и дека црквите во обете земји минале низ тешки долги години на комунизмот и имале потешкотии да се опорават од тоа наследство.

XS
SM
MD
LG