Линкови за пристапност

Најнови вести, 4 јуни - 2003-06-04


Блиски Исток – мировен процес

Американскиот државен секретар Колин Пауел ги повикува Израелците и Палестинците да реагираат итно по ветувањата што ги дале нивните премиери на денешниот самит со претседателот Буш во Јордан. Господинот Пауел вели дека дека американските претставници побарале од двете страни да започнат да работат како што треба.

Ирак

Oфицијални лица во САД и во Британија се обидуваат да ги побијат медиумските извештаи дека нивните влади ги преиначила разузнавачките податоци да ја поддржат нивната теза дека Ирак има оружје за масовно уништување со цел да се оправда војната. На денешниот специјален брифинг за новинарите претставник на Пентагон кажа дека разузнавачките аналитичари не интервенирале во податоците ниту пак биле присилувани тоа да го прават за да ги поддржат обвиненијата на Вашингтон против режимот на Садам Хусеин. Во Британија, владата на британскиот премиер Тони Блер дојде под сличен медиумски притисок.

Иран-САД

Се зголемува тензијата меѓу Вашингтон и Техеран за многу прашања додека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Камнеи предупредува дека каков било воен напад врз Иран би бил, како што го нарече, “самоубиство за агресорот“. Ајатолахот Камнеи пред толпата од илјадници луѓе собрани по повод 14-годишнината од смртта на лидерот на исламската револуција – ајатолахот Хомеини, кажа дека Иран не сака војна со ниту една земја. САД неодамна го обвинија Иран дека засолнува терористи, дека се меша во Ирак и дека има програма за нуклеарно оружје. Минатата недела, претседателот Буш кажа дека нема причина да се мисли оти САД имаат намера да употребат воена сила против Иран.

Европски трупи во Конго

Европската Унија ја одобри својата прва мировна мисија во Африка, дозволувајќи распоредување на трупи во Демократската Република Конго. Амбасадорите на Унијата се согласија да испратат мировници во проблематичниот регион Итури во Конго, каде што во етничките судири загинаа стотици луѓе од почетокот на мај. Трупите на ЕУ ќе бидат дел од мултинационалните сили предводени од Франција, меѓу кои исто така ќе има и војници од неколку земји што не се во Европа. Минатиот петок, Советот за безбедност на ОН ја потврди итната потреба за мултинационални сили. Нивниот мандат ќе биде да ги заштитат цивилите во градот Буниа во Конго и да го обезбедат блискиот аеродром, доколку е потребно и со сила. Инаку денеска се јавува за нови судири во северната провинција на Конго, Киву.

Белгија – отровен прав

Властите во Белгија испитуваат десет писма со отровен прав адресирани до канцеларијата на премиерот, американската амбасада и до други лица. Властите велат дека со тестирање на некои од писмата пронајден е хидразин, смртоносна супстанција која се употребува во ракетно гориво, а пронајден е и дериват на арсен што се користи како отров за глувци. Вакви писма се пронајдени во поштенските депоа во неколку градови, меѓу кои Гент и Брисел. Меѓу адресите на кои се испратени писмата се амбасадите на САД, Британија и Саудиска Арабија, неколку министерства и аеродромот во приморскиот град Остенд. Во некои од писмата имало пораки полни со клетви и потпишани од “исламската заедница“.

Мемоари на Хилари Клинотн

Сенаторот Хилари Родам Клинтон повторно е во фокусот на вниманието со изнесувањето на извадоци од нејзините мемоари. Нејзината книга Историја што живее во која се опфатени осумте години кога беше прва дама, ќе се појави во книжарниците следната недела. Асошиејтед прес добил примерок од книгата и вели дека сенаторот Клинтон живо ја опишува својата болка кога нејзиниот сопруг конечно и признал дека имал интимна врска со Моника Левински, стажант во Белата Куќа. Таа вели дека во еден момент кучето Бади било единствениот член во семејството кој сакал да биде со претседателот Бил Клинтон. Книгата е на 562 страници и има исклучителен првичен тираж од милион копии. Демократскиот сенатор од Њујорк не ја отфрли можноста за враќање во Белата Куќа во 2008 година, како претседател, наместо како прва дама

XS
SM
MD
LG