Тие стоеја еден крај друг кај палатата со поглед на заливот на Акаба. Еден по друг ветија дека ќе работат на мирот.
Палестинскиот премиер Махмуд Абас кажа дека е време да се стави крај на страдањата. Говорејќи преку преведувач, тој вети дека Палестинците ќе го извршат нивниот дел.
“Вооружената Интифада мора да заврши и ние мора да ги употребиме сите мировни средства во настојувањата да се стави крај на окупацијата и на страдањата на Палестинците и Израелците и да се воспостави палестинска држава“, изјави палестинскиот премиер.
Формирањето на палестинска држава која ќе живее во мир со Израел е цел на мапата кон мирот, или новиот мировен план што го предложија САД, ЕУ, Русија и ОН. И двете страни ја поддржаа мапата кон мирот, иако Израел тоа го стори со додавање на услови.
На самитот во Акаба, израелскиот премиер Шарон го понуди првиот внимателен чекор за чувствителниот проблем со населбите. Тој кажа дека ќе бидат отстранети истурените израелските населби на Западниот Брег и во Газа, подигнати без одобрение на владата.
“Сакам да повторам дека Израел е општество во кое владеат законите. Оттаму, ние веднаш ќе почнеме да ги отсрануваме неавторизираните населби“, изјави израелскиот премиер.
Претседателот Буш ги ислуша двајцата премиери и кажа дека е постигнат напредок.
“Сите тука денеска имаме иста цел: Светата земја мора да биде поделена меѓу државата Палестина и државата Израел, кои меѓусебно и со сите земји на Блискиот Исток ќе живеат во мир“, рече претседателот Буш.
Господинот Буш рече дека сите страни покажале позитивни заложби и дека САД ќе сторат се за да помогнат да се оствари сонот за мир. Тој кажа дека им наредил на државниот секретар Колин Пауел и на неговиот советник за национална безбедност Кондолиза Рајс, проблемот со мировниот процес да стане најголем приоритет.
“Патувањето на кое тргнуваме е тешко. Но нема друг избор“, истакна господинот Буш.
Со овој самит господинот Буш за прв пат во неговиот претседателски мандат одржа заеднички состанок со изаелскиот и палестинскиот лидер. Тоа беше втор ден од интензивната дипломатија на Блискиот Исток, по вчерашните разговори во Египет со арапските лидери.