Блиски Исток – мировен процес
Израелскиот и палестинскиот премиер ја потврдија целта за создавање две држави кои би живееле во мир и безбедност една крај друга, по денешните разговори со претседателот Буш во Јордан. Сите страни се состанаа во пристанишниот град Акаба за да разговараат за “мапата кон мирот“ на Блискиот Исток, која има меѓунардона поддршка. Во изјавата што ја прочита по разговорите, претседателот Буш кажа дека двете страни постигнале важен напредок и дека тој очекува секоја од нив да го одржи ветувањето. Израелскиот премиер, Ариел Шарон вети дека веднаш ќе почне со преселба на недозволените еврејски населби на Западниот брег и во Појсаот Газа. Палестинскиот премиер Махмуд Абас вети ставање крај на вооруженото востание против израелската окупација на овие две територии. Меѓутоа, палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека нема да го положи оружјето.
Блер - Ирак
Британскиот премиер Тони Блер кажа дека неговата влада ќе соработува во парламентарната истрага за разузнавачките податоци во врска со ирачкото оружје за масовно уништување, што тој ги употреби за да ја оправда војната. Господинот Блер говорејќи пред Долниот дом на парламентот кажа дека е комплетно невистинит медиумскиот извештај во кој се наведува дека неговиот кабинет го изменил разузнавачкиот извештај за да го зајакне тврдењето оти Ирак речиси веднаш може да распореди оружје за масовно уништување. Комисијата на британскиот парламент соопшти дека ќе испита дали владата на господинот Блер презентирала точни информации за ирачкото оружје пред да одлучи да започне војна. Досега не е пронајдено такво оружје во Ирак.
Иран-САД
Се зголемува тензијата меѓу Вашингтон и Техеран за многу прашања додека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Камнеи предупредува дека каков било воен напад врз Иран би бил, како што го нарече, “самоубиство за агресорот“. Ајатолахот Камнеи пред толпата од илјадници луѓе собрани по повод 14-годишнината од смртта на лидерот на исламската револуција – ајатолахот Хомеини, кажа дека Иран не сака војна со ниту една земја. САД неодамна го обвинија Иран дека засолнува терористи, дека се меша во Ирак и дека има програма за нуклеарно оружје. Минатата недела, претседателот Буш кажа дека нема причина да се мисли оти САД имаат намера да употребат воена сила против Иран.
Авганистан-апсења
Американските и италијанските војници во источен Авганистан уапсиле 21 лице, осомничени дека се поврзани со терористичката група ал-Каида и соборениот талебански режим. Овие апсења се извршени за време на дводневната операција во планинскиот регион долж границата со Пакистан. Портпарол на американските воздухопловни сили кои се стационирани близу Кабул изјави дека офанзивата во регионот Шахи Кот исто така имала за цел да ги блокира патиштата за бегство што ги користеле преостанатите припадници на Талебан и ал-Каида.
Европски сили во Конго
Европската Унија ја одобри својата прва мировна мисија во Африка, дозволувајќи распоредување на трупи во Демократската Република Конго. Амбасадорите на Унијата се согласија да испратат мировници во проблематичниот регион Итури во Конго, каде што во етничките судири загинаа стотици луѓе од почетокот на мај. Трупите на ЕУ ќе бидат дел од мултинационалните сили предводени од Франција, меѓу кои исто така ќе има и војници од неколку земји што не се во Европа. Минатиот петок, Советот за безбедност на ОН ја потврди итната потреба за мултинационални сили. Нивниот мандат ќе биде да ги заштитат цивилите во градот Буниа во Конго и да го обезбедат блискиот аеродром, доколку е потребно и со сила, се до пристигнување на засилувањето од ОН.
САРС
Кина соопшти дека нема нови смртни случаи ниту нови заразени со Тешкиот акутен респираторен синдром, а висок функционер од здравството кажа дека нема причина за сомневање во бројките што ги објавува владата во врска со ширењето на вирусот на САРС. Денеска за прв пат во Кина нема зголемување на бројките на САРС откако почна да објавува дневни извештаи во април. Во почетокот на неделава, Светската здравствена организација изрази сомневање во извештаите на Кина за ширењето на САРС. Но висок претставник на Центарот за контрола и превенција на болести во Пекинг кажа дека статистичките податоци се вистинити и дека се засноваат на солидна истрага.