Линкови за пристапност

Американскиот Оддел за правда самокритичен во однос на начинот на приведување на странци по 11 септември 2001 година - 2003-06-03


Американскиот Оддел за правда го критикуваше сопствениот начин на приведување на стотиците странци поради прекршување на имигрантските закони, по терористичките напади врз САД на 11 септември. Ваквите приведувања со месеци беа мета на критика од страна на правните групи и организациите за заштита за човековите права.

Извештајот на главниот инспектор во Одделот за правда открива значителни проблеми во начинот на кој над 700 имигранти, непосредно по терористичките напади во 2001-ва, биле приведени поради прекршување на имигрантските закони. Истрагата, што ја спроведе независен инспектор задолжен за Одделот за правда покажува дека многумина од притворените минале подолго време зад решетки беа притоа да биде покренато обвинение против нив, честопати во крајно рестриктивни услови, како 24-часовно носење лисици околу рацете и ланци околу нозете, без да имаат пристап до адвокати и во ќелии во кои светилките биле постојано вклучени.

Ова се однесува на лицата кои првично биле приворени поради сомневање дека се поврзани со киднаперите од 11 септември, или со тероризмот, воопшто. Но според истрагата на Одделот за правда, на некои од притворените не им било кажано зошто се притворени дури и по еден месец минат во притвор.

Американската Унија за граѓански права за овие откритија вели дека се докази за нивното тврдење дека правата на имигрантите во САД во условите по 11 септември биле прекршувани. Воедно, организацијата ја разгледува можноста да поднесе судска жалба по ова прашање.

„Извештајот во глобала покажува дека долго време владата знаела или требала да знае дека имигрантите кои немале апсолутно ништо со настаните од 11 септември или со тероризмот воопшто, продолжиле да бидат субјекти на оваа практика и политика, и останале во притвор не само со недели, туку со месеци и месеци“, смета Лукас Гутентаг, кој раководи со Проектот за имигрантски права при Американската Унија за граѓански права.

Дејвид Рифкин, поранешен службеник на Одделот за правда, смета дека владата има право да ги држи непријателските борци заробени на фронт и странците обвинети за прекршување на имиграционите закони во притвор на неограничено време.

„Разберете, зборуваме за луѓе кои во оваа земја престојуваат незаконски. Ова е долгорочен проблем, го паметам уште од мојот ангажман во Одделот за правда. Процедурата е следна: се притвора странецот со нелегален престој, се започнува процедура за депортација, се расчистува неговиот случај и се дозволува ова лице да биде ослободено. Што мислите, што ќе се случи? Прво и прво, ова лице нелегално престојува во земјата. Голем процент од таквите лица најчесто никогаш не се појавуваат се додека повторно не бидат фатени. Од практична смисла, пред 11 септември, голем дел од овие нешта не беа сфаќани сериозно“, вели г-динот Ривкин.

Истрагата во Одделот за правда за приведувањата не вели дека се нелегални, туку вината ја упатува на сметка на недоволно екипираното Федерално истражно биро поради што било потребно подолго време да се расчисти дали приведените имаат врска со тероризмот, пред да бидат пуштени или депортирани. Портпаролот на Одделот за правда, пак, застана во одбрана на спорната практика на приведување, повикувајќи се на американскиот закон за имиграција, кој им дозволува на властите да ги држат странците со нелегален престој во притвор до 90 дена, па дури и подолго, доколку се под истрага за поврзаност со тероризам.

XS
SM
MD
LG