Линкови за пристапност

Г-8, Буш - Ширак - 2003-06-02


Двајцата седеа заедно на терасата на хотелот каде се среќаваа со лидерите на уште шест други држави. Пред голема група новинари, тие индицираа дека минатото е зад нив.

Господинот Буш реагираше на критиките дека по трансатлантската бура што ја предизвика војната во Ирак, двајцата никогаш повеќе не ќе можат да работат заедно:„Знам дека има многу луѓе во обете држави кои се прашуваат дали ние фактички ќе можеме да седнеме заедно и да разговораме, а притоа да се чувствуваме пријатно. Одговорот е да, апсолутно. Може да имаме несогласувања, но тоа не значи и лична нетрпеливост“.

Господинот Буш му се заблагодари на претседателот Ширак за госпопримството и за поддршката за најновата резолуција на ОН со која се симнати меѓународните санкции против Ирак, и со која на САД и Британија практично им се даваат одврзани раце во управувањето со земјата во непосредна иднина.

Господинот Ширак изрази полна поддршка за одлуката на господинот Буш лично да биде инволвиран во миротворството на Блискиот Исток, прво преку средба со арапските лидери во Египет, а потоа и на трипартитната средба во Јордан со палестинскиот премиер Махмуд Абаз и неговиот израелски колега Аиел Шарон.

Американскиот претседател сепак призна дека САД И Франција минале низ тежок период во врска со војната во Ирак.

„Слушајте, мора да бидеме отворени. Минавме низ тежок период. Јас го разбирам неговиот став. Тој јасно ми го кажа на самиот почеток. Немаше никаква дилема каде стои Ширак. И јас јасно кажав што е мојот став. Затоа можам да кажам дека имаме добри односи, бидејќи сме искрени еден кон друг“, рече претседателот Буш.

Господинот Ширак јавно не зборуваше за разидувањето. Вчера тој изјави дека најголем број од државите имаат иста визија за мулти-поларниот свет во кој САД нема да бидат единствената доминантна сила.

Индицирајќи дека неговото внимание сега се свртува целосно кон Блискиот исток, господинот Буш најави дека ќе побара сите страни во регионот да преземат одговорност за постигнување мир: „Мојата земја и јас во ова вложуваме онолку време колку што ќе биде потребно да се оствари визијата за две држави кои постојат една покрај друга во мир. Јас потполно разбирам дека ова ќе биде тежок процес. Сосема ми е јасно дека дека треба да работиме со нашите пријатели, како што е Франција, за да го оствариме овој процес. Знам дека нема да напреднеме додека луѓето не си ги преземат обврските“.

Коментирајќи по средбата Буш-Ширак, дипломатите од двете страни кажаа дека Франција и САД сеуште имаат големи разлики но дека барем се решени да бидат срдечни еден кон друг.

XS
SM
MD
LG