Македонија- терор
Поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошковски ги обвини САД за политички игри и за напад врз македонските политички институции, поради тоа што неговот име е ставено на листата на екстремисти. Г-динот Бошковски реагираше на вчерашното соопштение дека неговото име се наоѓа на листата од 172 лица на кои им се забранува влез во САД. Вклучувањето на некоја личност на листата, значи дека американските власти можат да го запленат неговиот имот во САД. Портпаролот на Стејт Департментот Ричард баучер вчера исто така соопшти дека 45 лица се изземени од американската листа. Меѓу нив се наоѓа Али Ахмети кој ја предводеше побуната на етничките Албанци во Македонија во 2001 година. Тој минатата година беше избран за пратеник во македонското Собрание.
Блиски Исток
САД ги предупредија своите граѓани дека се можни заговори за киднапирање на Американци во Појасот Газа, само неколку часа откако израелскиот и палестинскиот премиер се согласија да преземат чекори за намалување на тензиите. Американската амбасада во Тел Авив денеска соопшти дека добиле веродостојни извештаи за планови за можно киднапирање на американски државјани во Газа. На Американците им се препорачува да бидат претпазливи и ако можат да не патуваат во Израел и на окупираните територии. Синоќа израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот премиер Махмуд Абас се сретнаа во Ерусалим и разговараа за “мапата кон мирот“. Двајцата лидери тричасовната средба ја оценија како позитивна.
Буш – посета
Претседателот Буш отпатува за Европа каде што ќе се сретне со водечките лидери на најризвиените земји во светот пред да замине на мировни преговори на Блискиот Исток. Господинот Буш најнапред ќе ги посети Полска и Русија, а во недела ќе учествува на економскиот самит на Групата-8 во Евијан, Франција. Тој ќе го скрати престојот на самитот за да отпатува на Блискиот Исток, што е прва негова посета од стапување на функцијата. Портпаролот на Белата куќа вчера кажа дека средбата на господинот Буш со израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот премиер Махмуд Абаз има за цел да ги поттикне Израелците и Палестинците кон имплементација на “мапата кон мирот“.
Ирак
Американскиот магазин Венити Фер го цитира американскиот заменик -секретар за одбрана Пол Волфовиц кој вели дека осомничените ирачки програми за оружје не биле главната причина за САД да започнат војнат со Ирак. Венити Фер ја пренесува изјавата на г-динот Волфовиц дека администрацијата на Буш се концентрирала на едно прашање –како што е оружјето за масовно уништување, бидејќи со таа причина сите се согласувале. Магазинот пренесува дека г-динот Волфовиц кажал оти друга голема причина за војната било тоа што со соборовувањето на Садам Хусеин, САД ќе можат да ги повлечат своите трупи од Саудсика Арабија. Пред војната, САД истакнуваа дека Садам треба да биде соборен од власт бидејќи претставува закана со своето оружје за масовно уништување. Но коалиционите сили се уште не пронајдоа доказ оти Ирак поседувал вакво оружје во перидот на инвазијата во март.
Шпанија - експлозија
Во експлозија на автомобил бомба во северна Шпанија загинале двајца полицајци, а еден е потешко повреден. Во нападот што се случил во провинцијата Наваре полесно се повредени уште неколку лица. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но заменик премиерот Маријано Рахој ја обвини Баскиската сепаратистичка група ЕТА. Во неделата во Шпанија се одржаа локални избори, први откако властите ја забранија Баскиската националистичка партија Батасуна. Организацијата беше забранета по одбивањето да ги осуди претходните напади на ЕТА. ЕТА е одговорна за убиство на повеќе од 800 лица во текот на нивната терористичка кампања што трае 35 години за создавање на независна баскиска држава во северна Шпанија и југозападна Франција.
САД - Иран
Претседателот Буш ги отфрли како чиста шпекулација извештаите дека САД планираат употреба на воена сила во Иран. Во интервјуто емитувано на руската државна телевизија денеска г-динот Буш вели дека нема извештаи од теренот дека САД планираат употреба на сила во Иран. Коментарите на г-динот Буш уследија по неколкунеделните интензивни пораки од Вашингтон во врска со програмата за нукеларна енергија на Техеран и за наводната поврзаност со терористички организации. Претходно денеска, иранскиот министер за надворешни работи Камал Карази за новинарите изјави дека оперативците на Ал Каида кои се уапсени во Иран не се одговорни за самоубиствените напади на 12 мај во Саудиска Арабија.
САРС
Светската здравствена организација вели дека ќе го иземе Сингапур од листата на области погодени од Тешкиот Акутен Респираторен Синдром или САРС. Во соопштението на на агенцијата на ОН се вели дека оваа акција ќе ја преземе утре, кога ќе измине 20-тиот ден без појава на нови случаи на болеста во Сингапур. Портпаролот на Светската здравствена организација Дејвид Хејман во Женева, ја пофали владата на Сингапур, за како што го нарече одличното справување со појавата на САРС. Во Сингапур од САРС досега почина 31 лице, а 206 беа заразени. Висок кинески претставник на здравството денеска изјави дека Владата никогаш не се обидела да ја прикрие епидемијата на САРС. Заменикот министерот за здравство Гао Џијанг кажа дека кинеските државни медиуми навремено ја информирале јавноста за епидемијата на САРС.