Линкови за пристапност

Најнови вести, 30 мај - 2003-05-30


Блиски Исток

САД ги предупредија своите граѓани дека се можни заговори за киднапирање на Американци во Појасот Газа, само неколку часа откако израелскиот и палестинскиот премиер се согласија да преземат чекори за намалување на тензиите. Американската амбасада во Тел Авив денеска соопшти дека добиле веродостојни извештаи за планови за можно киднапирање на американски државјани во Газа. На Американците им се препорачува да бидат претпазливи и ако можат да не патуваат во Израел и на окупираните територии. Синоќа израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот премиер Махмуд Абас се сретнаа во Ерусалим и разговараа за “мапата кон мирот“. Двајцата лидери тричасовната средба ја оценија како позитивна.

Дипломатска турнеја на Буш

Претседателот Буш отпатува за Европа каде што ќе се сретне со водечките индустриски земји во светот пред да замине на мировни преговори на Блискиот Исток. Господинот Буш најнапред ќе ги посети Полска и Русија, а во недела ќе учествува на економскиот сами на Г-8 во Евијан во Франција. Тој ќе го скрати престојот на самитот за да отпатува на Блискиот Исток, што е прва негова посета од стапување на функцијата. Портпаролот на Белата куќа вчера кажа дека средбата на господинот Буш со израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот премиер Махмуд Абаз има за цел да ги поттикне Израелците и Палестинците кон имплементација на “мапата кон мирот“.

Санкт Петерсбург – прослава

На прославата на 300 годишницата на Санкт Петерсбург во Русија пристигнаа над 40 светски лидери, меѓу кои и главните сили во спорот во ОН за војната во Ирак. Британскиот премиер Тони Блер и францускиот претседател Жак Ширак пристигнаа денеска и му се придружија на рускиот претседател Владимир Путин и на останатите светски лидери на прославата. Претседателот Буш ќе престојува во Санкт Петерсбург како дел од интензивната недела на меѓународна дипломатија. Главните играчи во недела ќе заминат во Франција на самитот на Г-8.

Ирак

Британскиот премиер Тони Блер изјави дека “апсолутно нема никакво сомневање“ дека ќе бидат пронајдени докази за забранетото ирачко оружје. За време на неговата посета на Варшава, господинот Блер денеска ги нарече апсолутно апсурдни сугестиите дека неговата влада побарала од разузнавачките агенции да измислат докази за ирачкото оружје за масовно уништување. Во Британија се појавија извештаи во кои се цитираат неименувани разузнавачки претставници кои велат дека од нив било побарано да ги накитат извештатите за ирачкото оружје. Господинот Блер кажа дека критичарите треба да покажат малку трпение за потрагата по забранетото оружје и дека во моментот приоритет е обновата на Ирак.

Шпанија - експлозија

Во експлозија на автомобил бомба во северна Шпанија загинале двајца полицајци, а еден е повреден. Во претходните извештаи се јавуваше дека и третиот полицаец починал. По нападот, премиерот Хозе Марија Азнар го откажа планираното патување за Русија. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но заменикот премиер Мариано Рахој ја обвини Баскиската сепаратистичка група ЕТА. Групата е одговорна за убиство на повеќе од 800 лица во текот на нивната терористичка кампања што трае 35 години за создавање на независна баскиска држава во северна Шпанија и југозападна Франција.

САРС

Министерството за здравство на Сингапур соопшти дека очекува Светската здравствена организација утре да објави дека во градот нема САРС. Во последните 19 дена нема нови случаи на болеста во Сингапур. Здравствените власти објавија соопштение во кое се вели дека земјата ќе биде изземена од листата на Светската здравствена организација на области погодени со САРС. Ова не е потврдено од здравствената агенција на ОН. Во Сингапур од САРС почина 31 лице, а 206 беа заразени. Висок кинески претставник на здравството денеска изјави дека Владата никогаш не се обидела да ја прикрие епидемијата на САРС. Заменикот министер за здравство Гао Џијанг кажа дека кинеските државни медиуми навремено ја информирале јавноста за епидемијата на САРС.

XS
SM
MD
LG