Новата извршна наредба практично соединува две претходни листи – првата за поранешна Југославија, а втората за Западен Балкан, во нова и обновена, на која се наоѓаат 172 лица и организации од регионот, информираше портпаролот на Стејт Департмент, Ричард Баучер на вчерашниот брифинг.
Со извршната наредба се блокира целиот имот или интерес во имот во САД на лицата наведени на листата, на кои автоматски им е забранет влез во САД. Со наредбата исто така им се забранува на поединци од САД да остваруваат трансакции со лицата од листата.
На новиот списокот на лица, кои сега се во директна надлежност на Одделот за финансии при американската влада, сега е додаден и поранешниот министер за внатрешни работи на Македонија, и сегашен пратеник во Собранието, Љубе Бошковски.
„Најмалку еден господин е додаден на новата листа, господин Бошковски, бидејќи ја подривал стабилноста на Македонија“, рече г-динот Баучер.
Од листата се симнати поранешниот лидер на таканаречената ОНА и сегашен претседател на ДУИ и пратеник во Собрабието, Али Ахмети, како и поранешните членови на ОНА Гзим Острени, Хисни Шаќири и Фазли Велиу. На листата остануваат претседателот на НДП Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Џавит Хасани, Џевад Адеми, Гафур Адили и Нури Беџети.