Линкови за пристапност

Подготовки за самит на Блискиот исток - 2003-05-29


Главниот експерт за Блискиот исток во Стејт Департментот, Вилијам Брнс и Елиот Абрамс, кој го предводи одделот за Блискиот исток во Националниот совет за безбедност пристигнаа во Египет за да помогнат во подготовките на претстојниот блискоисточен самит.

Се очекува, тие утре да се сретнат со египетскиот претседател Хосни Мубарак. Главни теми на дневниот ред се поттикнување на мировните напори на Блискиот исток. Но, се очекува во раговорите да бидат споменати и други прашања, вклучувајќи ја и иднината и стабилноста на Ирак, економската сработка и меѓународните напори за борба против тероризмот.

Американските претставници велат дека очекуваат да издејствуваат арапска заложба за изолација на поддржувачите на тероризмот.

Првата официјална посета на претседателот Буш на Блискиот исток ќе започне во вторник во египетскиото одморалиште на Црвеното море Шарм ел Шеик. Овој крајбрежен воден рај беше место каде во изминативе години се одржаа голем број самити посветени на обезбедувањето траен мир на Блискиот исток.

Домаќин на шестпартитниот самит на претседателот Буш и неколкуте клучни арапски лидери е претседателот Хосни Мубарак.

Се очекува во разговорите да учествуваат јорданскиот крал Абдула, саудискиот крунисан принц Абдула бин Абдул Азиз, мароканскиот крал Мохамед шести и кралот на Бахраин Хамад бин Иса. Исто така се верува дека во дискусиите ќе се вклучи и палестинскиот премиер Махмуд Абас.

В среда, претседателот Буш ќе отпатува на другата страна на Црвеното море во јорданското пристаниште Акаба на средба со г-динот Абас и израелскиот премиер Ариел Шарон, која се очекува да биде фокусирана на најновиот план за постигнување мир меѓу Израелците и Палестинците, познат како мапа кон мирот.

Изготвен од страна на САД, ОН, ЕУ и Русија, Мапата кон мир предвидува прекин на израелско-палестинското насилство, замрзнување на еврејските населби на палестинска територија и повлекување на израелските трупи. Според визијата во планот палестинската држава треба да биде создадена до 2005 година.

XS
SM
MD
LG