Линкови за пристапност

Туризмот на Монт Еверест - 2003-05-29


Ентузијазмот што ја опкружува 50-годишнината од историското освојување на врвот Монт Еверест од Едмунд Хилари и Тензинг Норгеи кои влегоа во историјата на планинарењето, внесува живост во непалскиот туризам.

Пацифичката туристичка азиска асоцијација, организација која се занимава со следење на посетеноста на Непал, вели дека само минатиот месец оваа земја ја посетиле 21.000 луѓе, што е голем скок во однос на 16-те илјади во јануари.

Но, Џон Колдовски, директорот за стратешко планирање во Асоцијацијата, вели дека овие податоци не се најточни.

„Во првите четири месеци од годинава, авионскиот сообраќај во Непал забележа пораст за околу пет проценти. Но, треба да се внимава во оценката, бидејќи дури и скромното оперирање изгледа многу добро во споредба со катастрофалното“,вели господинот Колдовски.

Една од главните причини за падот на туризмот во Непал е воведувањето на вонредна состојба кон крајот на 2001-та, во напорите на владата да се справи со маоистичките бунтовници кои убија илјадници за само седум години.

Непалската Комисија за национално планирање проценува дека бунтовништвото го чини Непал околу 500 милиони долари. Во сумата се вклучени загубите во индустријата и трговијата, но голем дел отпаѓа и на слабеењето на туризмот, гранка во која се вработени 200.000 лица и која во Бруто домашниот производ придонесува со околу четири проценти. Туризмот во Непал е третиот најголем извор на приход од размена на странски валути.

Тек Данџи од Бордот за туризам во Непал вели дека маоистичките бунтовници јавно кажувале оти нивна цел не се туристите и тој вели дека медиумите претерале во таквите оценки.

Беше создадена погрешна слика за нас, вели тој, имаше многу вести низ светот за вонредната ситуација, наместо да се истакне дека туристите се безбедни.

Примирјето во Непал е на сила од јануари годинава,а бунтовниците учествуваат во мировните преговори со владата.

Но, професорот по политички науки во Непал, Капил Шрешта, вели дека многумина Непалци се скептични што се однесува на резултатот од нив:

„Маоистите сакаат да добијат во време, а кај народот се создава чувство дека се обидуваат да се прегрупираат“.

Во меѓувреме, Австралија и САД се меѓу земјите кои ги предупредуваат своите граѓани да не патуваат во Непал.

Постојат и други инциденти кои негативно влиаеја на туризмот во последниве неколку години. Така, во 1999-та, екстремистите од Кашмир киднапираа авион на Ер Индија, кој требаше да слета во Кандахар, Авганистан, по што Индија ги прекина летовите за непалскиот главен град, Катманду.

Во јуни 2001-та, крунисаниот принц на Непал, Дипендра, го застрела кралот, кралицата и шестмина членови од кралското семејство, пред да изврши самоубиство.

Неколку месеци подоцна, терористичките напади врз САД, придонесоа за пад на туризмот во целиот свет, па и во Непал, каде во туристичката сезона септември-ноември, беа откажани над 50 проценти од хотелските резервации.

Најактуелно е стравувањето од ширењето на Тешкиот акутен респираторен синром или САРС, што исто така резултираше со значително опаѓање на туризмот од Источна Азија.

Но, во моментов Непал ја прославува 50-та годишнина од освојувањето на Монт Еверест. Духот на оптимизам, присутен во време на овој златен јубилеј, придонесува некои луѓе да се потсетат на зборовите на поранешниот непалски министер за туризам, кој кажа: Се додека Монт Еверест е таму каде што е, туристите ќе доаѓаат.

XS
SM
MD
LG