Линкови за пристапност

Заради рамнотежа во глобалната економија, вредноста на доларот треба и натаму да опаѓа - 2003-05-28


Американските производители го поздравуваат опаѓањето на вредноста на доларот, велејќи дека со тоа само се олеснува справувањето со конкуренцијата на странските пазари, и американските компании здивнуваат од увозот на домашниот пазар. Главниот економист во Џенерал моторс вели дека поевтиниот долар значително ја подобрил ситуацијата на неговата компанија во однос на конкуренцијата.

И Фред Бергстен, кој раководи со Институтот за меѓународна економија од Вашингтон има слична реакција на опаѓањето на доларот. Тој сепак вели дека потребно е доларот да падне дополнителни 10 до 20 проценти за да постигне рамнотежа во глобалната економија.

„Доларот почна да паѓа во февруари 2002-та, по шест и пол години растење. Сега опадна за 10 проценти. Ова е приближно половина од она што повеќето од нас овде, мислиме дека е неопходно. Би било идеално доколку уследи уште една година на постепено опаѓање“, вели г-динот Бергстен.

Друг истражувач од овој институт, поранешниот главен економист од Меѓународниот монетарен фонд, Мајкл Муса се прашува зошто администрацијата на претседателот Буш ја повторува реториката на Клинтоновата администрација за силен долар.

„Кога тогашниот секретар за економија, Боб Рубин соопшти за опаѓањето во април 1995-та година, доларот беше на најниско ниво воопшто, во однос на еврото можеше да се размени за еден долар и 46 центи“, истакнува г-динот Муса.

Сега, за еврото се добиваат еден долар и 18 центи.

Г-динот Муса вели дека кога доларот бил се уште релативно слаб во однос на другите валути во доцните 90-ти години, било корисно за американските претавници да зборуваат за заложба за посилен долар.

„Но, ситуацијата се промени во втората половина на 2000-та. Од тоа време на краткорочната макро-економска перспектива на растеж и инфлација, постоењето на толку силен долар нема некоја логика“, смета тој.

Г-динот Бергстен вели дека влијанието на девалвацијата на доларот е ограничено главно на Европа, заради тоа што неколку валути од Азија, најповеќе кинеската, се поврзани со доларот, така што неодамна е забележано опаѓање и на нивната вредност. Од тие причини, Кина, како и САД, добива на конкурентност на светските пазари.

XS
SM
MD
LG