Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести Интернешенал вели дека американската војна против тероризмот ја загрозила ситуацијата со човековите права во многу делови од светот.
Во годишниот извештај за состојбата со човековите права на Амнести Интернешенал се вели дека борбата против тероризмот во 2002 година довела до ситуација владите да ги потиснуваат човековите права во името на националната безбедност.
Згора на тоа, вели Бил Шулц, директор на Амнести Интернешенал во САД, организацијата ги обвинува САД за трошење милијарди долари за поправање на прекршувањето на човековите права во Ирак, додека на други места не посветуваат доволно внимание на тоа.
„Неприфатливо е да се постигне слобода за еден на сметка на друг“, истакна тој.
Амнести исто така ги обвинува САД за прекршување на човековите права со држењето на околу 600 осомничени терористи во воената база Гвантанамо на Куба.
Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер вели дека обвинувањата се неосновани.
„Затворениците во Гвантанамо се третираат хумано, тие добиваат медицински третман, добиваат храна, многу подобро се третирани отколку во нивниот претходен живот“, рече г-динот Флејшер.
Во извештајот исто така се посочуваат прекршувањата на човековите права во Колумбија, Бурунди, Демократска република Конго, Непал, Русија и други земји во Централна Азија.