Линкови за пристапност

Колку Американците го познаваат светот? - 2003-05-28


По терористичките напади на 11 септември во кои загинаа над три илјади луѓе во Њујорк и Вашингтон, милиони Американци се прашуваа како можеше тоа да се случи. “Зошто не мразат“ , гласеше вообичаеното прашање низ земјата. Некои набљудувачи во тоа време сметаа дека ќе зголеми интересот за меѓународни вести, додека други се обидуваа да сфатат и покрај шокот и неверицата.

Но истражувањето на Истражувачкиот Центар Пју, спроведено по нападите, покажува дека навиките за вести на Американците не се многу променети. Тоа покажа дека мнозинството Американци следат странски вести само кога се случуваат големи настани.

Џон Дулитл, писател и поранешен новинар во локални радија и телевизиски станици низ САД, вели дека многу Американци имаат ограничен поглед на светот.

„Мислам дека некако треба да го надминеме нашиот културен изолационизам, што се уште преовладува. Иако правиме некакви продори, мислам дека Американците се премногу склони да ги интересира само нивната околина и да кажуваат дека тоа е начин како треба да стојат работите. Дека тоа е начин на кој сите треба да живеат. Тоа создава бариери меѓу нас и луѓето во останатите делови од светот“, смета г-динот Дулитл.

Иако се повеќе Американци патуваат и живеат во странство, вели господинот Дулитл, во моментов помалку од четвртина американски граѓани имаат пасош.

Истражувањето на Пју исто така посочува дека од терористичките напади на 11 септември, малку млади луѓе во САД следат какви било вести. Мет Катапано, истражувач во Ем-Ти-Ви, објаснува заошто младите луѓе неодамна се свртеле кон нетрадиционалните нови извори.

„По 11 септември имаше голема ерозија на довербата во вестите. Младите луѓе станаа навистина свесни за медиумските војни, вклучувајќи го натпреварот за рејтинг меѓу телевизиите и весниците. Кога луѓето зборуваат за гледање вести, тие навистина гледаат дека секоја личност или секој ентитет има свое мислење или своја гледна точка. Дури и оние што гледаа Си-Ен-Ен беа загрижени дека гледаат пропаганда“, додава тој.

Господин Катапано вели дека младите луѓе многу вести слушаат од телевизиските дебатни емисии. Овие емисии содржат повеќе мислења отколку факти, заклучува Брајан Брукс, помошник декан на Факултетот по новинарство на Универзитетот во Мисури.

„Поголем дел од она што сега се прикажува на телевизија е разговор, дебатни емисии во кои водителите изнесуваат свои ставови и тоа е маскирање на вестите. Тие тврдат дека ги покриваат светските настани, но всушност, тоа не е ништо повеќе од став. Мислам дека кај публиката не прави многу јасна разлика меѓу вистинските вести и овие псевдо-вести“, истакнува г-динот Брукс.

Тој вели дека овие телевизиски емисии засновани на мислења стануваат се попопуларни и за Американците е потешко да добијат точни информации, особено за настаните во странство. Дотолку повеќе што главните телевизиски мрежи затворија повеќе од нивните странски дописништва кои обезбедуваа покривање од местото на настанот. Но Џозеф Кампбел, професор по новинарство на Американскиот Универзитет, не се согласува со согледувањето дека американските медиуми не обезбедуваат доволно странски вести.

„Американците во основа ја сфаќаат важноста на следење на странските вести. Дали тоа го прават е предмет за расправа. Но нема сомневање дека има вести. Се известува. Ако ги погледнете петте најтиражни весници во земјата, сите пет обраќаат доволно внимание на меѓунардоните вести. Со Интернет, опцијата за пристап до странските вести е уште поширока и побрза. Не е проблемот дали има странски вести ако луѓето сакаат пристап до нив“, вели тој.

Господинот Кампбел вели дека новинарите не можат да ги принудат луѓето да следат странски вести. Затоа останува прашањето – што може да се стори за да се привлечат Американците, особено помладите, да дознаат повеќе за светот? Господинот Брукс од Универзитетот во Мисури вели дека еден од начините е да се испратат повеќе Американци во други држави.

„Многу студенти ја користат програмата за семестар во странство. Тоа е прекрасно богато искуство и се враќаат со сосема различен поглед на светот и ни треба повеќе такво нешто. Потребно е повеќе Американци да разберат каков е остатокот од светот. Секако сме во нагорен тренд со програмите за студирање во странство“, истакнува г-динот Камбпбел.

Луиз Лиф е заменик директор на програмата за меѓународно новинарство во Пју, која испраѓа млади новинари во странство за да покриваат настани. Со оглед на неодамнешната војна во Ирак и тековната војна против теророт, госпоѓа Лиф вели дека странските вести се многу поважни од кога било порано, но има аналитичари кои сметаат дека за сметка на покривањето на кризно место, другите важни настани се занемаруваат. Клучот, вели таа, е јавноста да ги разбере овие ситуации пред да станат кризно жариште.

XS
SM
MD
LG