Линкови за пристапност

Подготовки за самитот на Групата осум индустриски најразвиени земји во светот и Русија - 2003-05-28


Тридневната средба на лидерите на Групата Осум индустриски најразвиени земји во светот, Франција, САД, Јапонија, Германија, Британија, Италија, Канада и Русија, започнува во недела во францускиот крајезерски град Евиан, познат по изворите на минерални води. Самитот предизвикува вознемиреност и во швајцарските градови од спротивната страна на езерото.

Во наредните денови, околу четиристотините илјади жители на Женева кои имаат шанса да излезат од градот, тоа сигурно ќе го сторат. Оние кои остануваат се подготвуваат за непријатности и пореметување на нивниот секојдневен живот.

На многумина не им е јасно зошто нивната рутина треба да биде пореметена заради настан што се случува преку границата и во кој Швајцарија нема никаква улога.

Властите во Женева и јавноста, особено сопствениците на продавници, се плашат дека планираниот марш на демонстранти во недела, на кој се очекува присуство на околу 50 илјади лица кои се против Групата осум, може да донесе насилство.

Продавниците на луксузна стока и банките веќе ги забарикадираа вратите и прозорците. Дури и да претрпат загуба во приходите, тие се решени да затворат.

Поштата тие денови нема да се разнесува, машините за готовина ќе бидат испразнети, а јавниот транспорт ќе биде под сериозно обезбедување. Прекината е и работата на новата трамвајска линија заради стравување дека демонстрантите би можеле да ги употребат алатките и опремата за насилни цели.

Обезбедувањето на женевскиот аеродром ќе биде на својот максимум, бидејќи најголем дел од учесниците на Г-8 ќе слетаат во Женева, а потоа со хеликоптери ќе бидат префрлени во Евиан, што е 45 километри оддалечен од таму. Забранета е секаква пловидба по Езерото Женева, на кое гледа одмаралиштето, а швајцарските и француските воени авиони ќе спроведуваат зона на забрането летање врз езерото и околината. Дополнително набљудување ќе се врши со беспилотно летало.

Таканаречените алтернативни или анти-капиталистички села се поставени за привремено сместување на демонстрантите. Логорски огнови ќе бидат запалени од демонстрантите по должина на езерскиот брег, а најголем дел од граничните премини ќе бидат затворени.

На спротивната страна на езерото од Евиан е швајцарскиот град Лозана, чии луксузни хотели ќе пружат гостопримство на африканските и други лидери од Теретиот свет кои се поканети на самитот на Г-8.

Властите се во состојба на претпазливост за секаков обид од демонстрантите да го пореметат транспортот со фериброд кој ќе го пренесува контингентот преку езерото од Лозана до Евиан.

Потпишани се договори меѓу протестните групи и различни локални власти во обид да се гарантира дека протестите ќе бидат ненасилни, но швајцарските власти не сакаат да ризикуваат.

XS
SM
MD
LG